Реклама
Македонија

Пожарникарството е опасна професија чиј влог никогаш не треба да се заборава

Со нова донација на урбано противпожарно возило кое тим на пожарникари и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со нова донација на урбано противпожарно возило кое тим на пожарникари и механичари од Велика Британија го донесоа во земјава, Доброволното противпожарно друштво од Дојран го одбележа Денот на пожарникарите. Возилото од марката волво кое се користи за урбани средини, е донација на британската организација „Операција Флоријан“, и може да се користи при природни непогоди како поплави, земјотреси, пожари и во случаи на сообраќајни несреќи.

Заедно со донираната лична опрема, одела, шлемови и боци за кислород со заштитни маски, преку донацијата треба да се подобри возниот парк на доброволното друштво, кое работи во Дојран веќе 25 години и се очекува да обезбеди подобри услови при гасење на пожари и во други непогоди.

Во рамки на одбележувањето, дојранските пожарникари, заедно со Доброволното противпожарно друштво од Струмица и поддржани од тимот на „Операција Флоријан“ и од членови на Дирекцијата за заштита и спасување, изведоа симулациска вежба на спасување и извлекување на жртва во сообраќајна несреќа.

Реклама

Освен практичната показна вежба како да се спаси лице од сообраќајна несреќа, која ја проследија и основците од училиштето „Кочо Рацин” заедно со своите наставници, на настанот децата имаа можност да го разгледаат новото возило со целокупната опрема, како и да пробаат да ракуваат со цревото за гаснење пожари.   

Во знак на благодарност, на присутните членови од тимот на “Операција Флоријан”, градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов им додели благодарници и им го честита празникот на сите пожарникари.

– Ова е ваш ден, да ни бидете здрави и живи. Благодарност до нашето Доброволно противпожарно друштво кое секогаш кога имаме потреба од нив активно учествува во сите пожари, а благодарност и до Доброволното противпожарно друштво од Струмица што денеска се тука со нас и најголема благодарност до организацијата “Операција Флоријан” за донацијата на ова прекрасно возило кое се надевам дека ќе има голема корист за општината – изјави Тентов.

Проектниот менаџер за Македонија од “Операција Флоријан”, Стив Џордан, кој 27 години ги поминал како професионален пожарникар, нагласи дека пожарникарската служба ја гледа како една меѓународна фамилија.

-Се приклучив кон оваа служба по случајност. Кога дојдов првиот ден, бевме осум луѓе и никого не познавав. Постариот инструктор дојде и ни кажа неколку зборови кои никогаш не ги заборавив: “Добредојдовте во семејството”. Ова е опасна професија и тоа што им го давате на вашите семејства и на вашето општество никогаш не треба да биде заборавено, но единствените луѓе кои ќе го потсетуваат општеството и градоначалникот, да бидат свесни за тоа, сте токму вие. Можеби не разбирам добро македонски, но гледајќи ве со насмевки на лицата, како си помагате еден на друг и се чувате еден со друг, тоа е она што ми значи – изјави Џордан.

Во знак на благодарност на екипата тренери од Операција Флоријан, градоначалникот им додели благодарници и сертификати, а сертификати беа доделени и од британската организација за успешно спроведена обука на членовите на дојранското Противпожарно друштво.

На 20 мај се одбележува националниот Ден на пожарникарите во Македонија, како ден кога во 1836 година во Битола се формирал првиот противпожарен одред, а прогласен е за национален ден од осамостојувањето на државата во 1991 година.