Потрага по таленти за природни науки се спроведува во Општина Неготино, во рамките на активностите на екологистите од „Ековита”, финансиски поддржани од неготинската локална самоуправа. Претседателот на „Ековита”, Сашко Тодоров денеска информираше дека во активностите поддршка даваат и претставници од Американскиот мировен корпус.
-Станува збор за активности во основните училишта. Пред основците претставуваме повеќе експерименти од природни науки. На тој начин откриваме таленти за овие науки. Откривајќи ги, да ги негуваме и поддржуваме. Истовремено, сакаме да поттикнеме интерес кај младите кон природните науки, што се многу важни за човештвото. Им претставуваме на пример горивна ќелија која водородот го претвора по хемиски начин во електрична енергија. Тоа е основа на новата автомобилска технологија врз база на водород. Или, соларни мотори за претварање соларна енергија во механичка енергија, што може да се користи за различни намени – појасни Тодоров, кој е дипломиран инженер биолог.
Тој појасни дека на младите им презентираат и работа со микроскопи за вовед во светот на микроорганизмите и со телескопи, за набљудување и истражување на најблиските небески тела. Како и еколошко компостирање со помош на инсекти, кога органскиот отпад се претвора во хумус и се добиваат ларви што може да се искористат како протеинска храна за домашни животни.
Тодоров очекува дека откривањето на нови таленти за природни науки и будењето на интерес кај младите за нив, ќе придонесе во иднина да имаме повеќе професионалци и инженери од оваа област, за нови технологии и иновации.

