Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и Францускиот институт во Скопје потпишаа Меморандум за соработка под покровителство на Град Скопје, со цел развој на заеднички културни проекти, размена на уметници и експерти и унапредување на културните и креативните индустрии.
Меморандумот го потпишаа денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, и директорот на Фондацијата „Скопје ЕПК 2028“, Марјан Цветковски.
Ѓорѓиевски истакна дека партнерството ќе овозможи поврзување на македонските уметници со европската културна сцена и создавање нови културни содржини за граѓаните.
– Со ова партнерство отвораме врати за заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти и развој на културните и креативните индустрии. Создаваме простор нашите творци да се поврзат со европската културна сцена, а скопјани да добијат нови, квалитетни и достапни културни содржини – наведе Ѓорѓиевски.

Посебен акцент, како што посочи градоначалникот, ќе биде ставен на соработката со францускиот град Бурж, со кој Скопје во 2028 година ќе ја споделува титулата Европска престолнина на културата, како и на можноста за организирање „Француска сезона во Скопје 2028“.
– Посебно ќе се посветиме на соработката со Бурж, со кој во 2028 година ја споделуваме титулата европска престолнина на културата, како и на можноста за реализација на „Француска сезона во Скопје 2028“ – истакна Ѓорѓиевски.
Целта е, додаде, партнерството да придонесе за трајни културни врски меѓу двата града, нивните уметници и култури, и по завршувањето на 2028 година.
– За мене, успехот на Скопје 2028 ќе се мери и со можностите што ќе ги создадеме за младите, со поддршката за нашите уметници и со културата што ќе стигне до секој граѓанин. Сакам оваа титула да остави трајна вредност во животот на нашиот град – порача Ѓорѓиевски.

Упати благодарност до францускиот амбасадор, Францускиот институт и партнерите за поддршката, оценувајќи дека соработката е дел од подготовките на Скопје за европската културна престолнина во 2028 година.

