Градоначалникот на Берово, Петар Ружински денеска го потпиша договорот со Биро за регионален развој за реализација на проектот „Изградба на потпорен ѕид на улица „Маршал Тито“ во Берово“, во рамки на Јавниот повик за финансирање на предлог-проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
За реализација на проектот се одобрени 705.874 денари, средства кои ќе бидат наменети за изградба на потпорен ѕид во должина од околу 25 метри, на критичен дел од улицата во населбата „Старо Берово“.
-Според проектната документација, со изградбата на потпорниот ѕид ќе се овозможи заштита на коловозот и тротоарот, како и спречување на понатамошно обрушување на теренот, што претставуваше потенцијален ризик за безбедноста на учесниците во сообраќајот и жителите од овој дел на градот, информираше Ружински.

Од локалната самоуправа информираат дека проектот е дел од континуираните активности за подобрување на патната инфраструктура и унапредување на условите за живот на граѓаните.
Со реализацијата на овој инфраструктурен зафат се очекува значително да се подобри безбедноста во сообраќајот, како и да се обезбеди побезбедно и непречено движење на пешаците на улицата „Маршал Тито“.
