Борбата против дивеењето со тротинетите продолжува. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека владејачката партија ќе достави до Собранието предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот, со кои би се извршиле промени во старосната граница на управувачите на тротинети, а генералната политика околу нивното возење ќе биде многу построга.
„Имаме заострување на казнената политика и заострување на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено во однос на најмладите, затоа што статистиката, бројките, повредите и сообраќајните несреќи предизвикани од оние што управуваат електрични тротинети покажуваат незаконско управување – по тројца на тротинет, по двајца, без кациги и без никакви правила“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Потребата од измени во законот се наметнува како обид за заштита на најмладите, кои не ги почитуваат правилата во сообраќајот. Токму тие се најчестите жртви на неодговорното возење и речиси редовно завршуваат со тешки повреди.

„Бројките се најлоши кај младата популација. Најголемиот дел од сообраќајните несреќи предизвикани од тротинети се случуваат кај лица до 17-18 години, така што предложените законски измени ќе одат во оваа насока, со цел повторно да имаме поголема безбедност во сообраќајот и да ги зачуваме најмладите“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Министерот го посочи успехот на „Сејф сити“ во промената на сообраќајната култура, а претходно најави дека до крајот на годината системот ќе ги евидентира и тротинетите, ќе има поригорозни правила за мотоциклистите и максимална репресивност кон сите што дивеат по улиците.
Бојан Таневски
