Реклама
Прилози

Поплавите ја открија негрижата – Кичево плаќа цена за запуштените корита и неодговорноста на граѓаните

Три месеци по катастрофалните поплави што го погодија Кичево, жителите од погодените…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Три месеци по катастрофалните поплави што го погодија Кичево, жителите од погодените населби сè уште водат тивка и исцрпувачка битка со последиците што ги оставија надојдените реки. Штетите се огромни, велат кичевчани, во дел од куќите животот се одвива во само една просторија, колку-толку уредена за дневен престој. Во домот кој до вчера зрачел со топлина и спокој, сега се чувствува тежок мирис на мувла и влага, а воздухот потсетува на денот кога водата продрела низ праговите и само за половина час направила пустош. Сега јавното комунално претпријатие со камиони ја собира уништената покуќнина од дворовите. Се работи, велат, за тони кабаст отпад кој не може да се собере веднаш.

Градоначалникот Јованоски вели дека повеќе од деценија не била спроведена акција за чистење на затрупаните речни корита, во кои водата се подигнала и до речиси 3 метри.

“Од сето ѓубре што се фрлало, значи морам да нагласам дека како граѓани сме неодговорни, сè она што нема што да му прават, ќе го фрлале во река и тоа сега излезе на површина. Сите дрвја што се израснати внатре, комплет цело ѓубре што прави пречки, значи буквално брани се прават по теченијата на реката, од ѓубре, од шут, од градежен отпад и од сите работи што немаат место таму. Така што, како што ви кажав, оваа акција нема да престане сè додека конечно не уредиме“, вели градоначалникот на Кичево, Александар Јованоски.

Реклама

Од Општина Кичево информираат дека сè уште се врши проценка на штетите кои ги пријавиле околу 500 семејства од населбите Прилепска, Карпош, Горно и Долно Пашино, како и од најстарата населба во градот, Подварош, во која има куќи стари и по две столетија. Штом завршат со работа комисиите за проценка на штети, градските советници ќе ја разгледаат опцијата за финансиска помош на погодените.

“Откако дојдов на функцијата градоначалник побаравме проект за комплетно уредување на двете речни корита, од влезот во градот па сè до излезот и сливот во реката Треска, така што во моментот тие два проекти се некаде во фаза на завршување, над 90% се завршени. И коритата да бидат уредени бетонски, да не се дозволува излевање, да има пешачки и велосипедски патеки, хортикултурно уредување и урбана опрема“, вели Јованоски.

На овој начин граѓаните не само што ќе бидат заштитени од поплави, туку ќе имаат и катче каде ќе можат да се рекреираат покрај реката, а не да се плашат од неа. За жителите од населбата Прилепска, чии трошни диво изградени куќи покрај самата река беа целосно поплавени, ќе се бара системско решение.