Онкологија на главата и вратот, малигни заболувања на подот на усната празнина, на параназалните синуси, на гркланот, на крајниците, на егзокрините и ендокрините жлезди. Ова се најчестите здравствени предизвици со кои се соочуваат медицинските лица од Универзитетската клиника за уво, нос и грло, во универзитетскиот кампус на „Мајка Тереза“ во Скопје, изјави денеска директорот д-р Игор Камшикоски пред почетокот на петтиот Национален конгрес по оториноларингологија и хирургија на глава и врат што се одржува во главниот град на државава.
– Сакам да истакнам дека заболувањата на тироидната жлезда се проблематика што нашата клиника, ги третира веќе 10 години и излегува во пресрет не само на малигните заболувања на тироидна жлезда, туку и на бенигната патологија. Понатаму, проблематиката со увото, аудиолошкиот сегмент и секако ринолошкиот, па дури и оние делови на естетска хирургија и така натаму – појасни Камшикоски.

Директорот рече дека е скратено времето на чекање на нивните пациенти, а овозможените протоколи и терапии се на извонредно ниво, во споредба со други земји.
– Уште една работа би потенцирал, што ме прави навистина среќен, оваа година ги завршивме сите предвидени 15 кохлеарни импланти, тоа се импланти што се ставаат кај дечиња, но и кај возрасни, кои го изгубиле слухот, односно се родиле без можност да слушаат. А, она што е ново од оваа година, е тоа што, на пациентите кои го изгубиле своето грло заради болест, после нивното вадење, нели, бидејќи се вади грлото заедно со туморот, им се поставува гласноговорна протеза за која што пациентите не плаќаат ништо, односно Фондот за здравствено осигурување го обезбеди тоа преку сопствен буџет – истакна Камшикоски.
Скопје од денеска до 14 ноември е домаќин на значаен научен и стручен собир во областа на оториноларингологијата. Почна петтиот национален конгрес по оториноларингологија и хирургија на глава и врат, со меѓународно учество.
Како што е најавено, во текот на трите конгресни денови ќе се одржуваат предавања, стручни дискусии, тематски сесии, симпозиуми и презентации на научни трудови. Според организаторите на настанот, тој претставува важен момент за нивната професионална заедница – можност повторно да се соберат на едно место, да се разменат искуства и да се воспостават нови врски со колеги од регионот и од светот.

Програмата опфаќа широк спектар современи теми – од заболувања и хирургија на уво, аудиологија и кохлеарна имплантација, ринологија и алергологија, ларингологија, хирургија на глава и врат, заболувања на тироидната жлезда, како и нарушувања на спиењето поврзани со оваа специјалност. Ќе се разговара за нови дијагностички пристапи, современи оперативни техники, сложени клинички случаи и можностите научните сознанија да се применат во секојдневната клиничка практика.
Беше истакнато дека значајно место во конгресната програма имаат и младите лекари, специјализантите и истражувачите. Преку нивните презентации и непосредниот контакт со искусни експерти, целта е, како што беше кажано, да се поттикне следната генерација оториноларинголози да истражува, да поставува прашања и активно да учествува во развојот на оваа струка.
Заедничката цел е унапредување на квалитетот на дијагностиката и лекувањето, во чекор со современите меѓународни стандарди.

