Пратеничката Благица Ласовска, потпретседателка на ПАБСЕК и шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), и пратеничката Валбона Адили-Емини, членка на Делегацијата, учествуваа на 67. седница на Комисијата за социјална и хуманитарна политика на ПАБСЕК, во Ереван, Ерменија.
Делегациите од земјите членки на ПАБСЕК на состанокот разговараа за Извештајот на тема „Задржување на човечкиот капитал во Црноморскиот Регион: образование, здравствен кадар и дигитални вештини“, во кој се потенцира дека загубата на високообразованиот и квалификуван кадар е еден од клучните предизвици за земјите од регионот, се наведува во соопштението на собраниската прес-служба.
Во таа насока, беше констатирано дека одливот на лекари, медицински персонал, инженери, истражувачи и ИТ-специјалисти, директно влијае врз квалитетот на јавните услуги, конкурентноста и иновативниот потенцијал на државите. Притоа, учесниците констатираа дека земјите од регионот треба посебно внимание да посветат на квалитетното образование и стручното оспособување, усогласувањето на образовните програми со потребите на пазарот на трудот, подобрувањето на условите за работа и платите, вложувањето во здравството, истражувањето и дигиталната трансформација, како и создавањето еднакви можности за професионален развој во сите региони, што е предуслов за задржување на човечкиот капитал и јакнење на потенцијалот на државите.

Пратеничката Валбона Адили-Емини, која е и членка на оваа Комисија, се осврна на предизвиците поврзани со иселувањето на младите, демографскиот пад и одливот на високообразован и квалификуван кадар, нагласувајќи дека нивното задржување претставува долгорочен национален приоритет за нашата земја. Притоа таа информираше дека Националната развојна стратегија 2024 – 2044, усвоена од македонското собрание во октомври 2024 година, го препознава човечкиот капитал како еден од основните двигатели на одржливиот развој на државата, и обезбедува сеопфатен национален пристап во надминувањето на овој предизвик.
Пратеничката Адили-Емини нагласи дека создавањето услови младите да ја градат својата иднина во сопствената држава подразбира вложување во квалитетно образование, развој на вештини, пристојни работни места, можности за професионално напредување, претприемништво и иновации, но и подобрување на севкупниот квалитет на живот. Таа се осврна и на регионалната димензија на предизвикот и посочи дека земјите од Црноморскиот Регион се соочуваат со слични демографски и миграциски тенденции, што ја наметнува потребата од засилена соработка и размена на добри практики во рамките на ПАБСЕК.

Во рамки на 67. состанок на Комисијата за социјална и хуманитарна политика на ПАБСЕК беа усвоени Препораки, во кои се нагласува дека задржувањето на човечкиот капитал не може да се сведе само на спречување на иселувањето, туку бара создавање услови за професионален и личен развој, преку квалитетно образование и здравствена заштита, пристојни и конкурентни работни места, можности за усовршување, истражување и иновации, како и подобрување на квалитетот на животот. Посебно беше нагласена потребата од премин од „одлив на мозоци“ кон „циркулација и привлекување мозоци“, преку поттикнување на враќањето на квалификуваниот кадар и одржување на врските со дијаспората.
Во таа насока беше нагласена потребата од координирани политики во областа на образованието, вработувањето, здравството, миграцијата и дигиталната трансформација, како и зајакнување на стручните и доживотните форми на учење. Во рамките на препораките беше истакнато и значењето на регионалната соработка, размената на искуства и заедничките иницијативи во образованието, науката, здравството и дигиталните вештини.
На состанокот присуствуваа пратеници од парламентите на Албанија, Ерменија, Романија, Грција, Турција и Молдавија, како членки на ПАБСЕК.

