Реклама

Муцунски и Петрова ќе се сретнат в четврток во Софија

Златна маска стара 26 векови кај Струшко: сензационално археолошко откритие на локалитетот Расница

Штипскиот универзитет промовираше прирачник за рано препознавање на сите форми на насилство во училиштата

Нови апсења се случуваат во Државна лотарија

Со 12,8 милиони евра ќе се помагаат земјоделците, почнува доделувањето на картички за зелена нафта

Фон Дер Лајен не фали за реформите како никогаш претходно, Филипче се чуди што ќе бара Муцунски во Софија

Недостаток од наставници по природни науки, министерката Јаневска најавува чекори за враќање на достоинството и подобри плати

Зголемена куповна моќ на пензионерите, Фискалниот совет бара реформи за помала дупка во ПИОМ

Во трампата меѓу Грција и Бугарија, Софија и спакувала на Атина и реликвија, одземена или украдена од Охрид

Пецаков: Охрид се развива со крупни капитални проекти – пречистителна станица во Трпејца, нова спортска сала и современа катна гаража

Во очекување на регионалната депонија Новаци, се решава проблемот со „Буково“

Европа ја седнува Бугарија на маса со Македонија: Ќе се бара позитивно решение за билатералниот спор

Македонија

„Патување кон корените“ во Скопје: Филм, изложба и сведоштва за судбините на децата-бегалци и нивниот живот во Полска

На 22 и 23 септември, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

На 22 и 23 септември, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, се одржа програмата „Патување кон корените“, посветена на сеќавањето и оддавањето почит на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија и нивните животни приказни во Полска.

Програмата беше во организација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) и Амбасадата на Република Полска во Скопје, а во двата термина публиката имаше можност да го погледне документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“ на авторот и режисер Петро Алексовски, Македонец кој живее и твори во Полска.

Преку фотографии, сведоштва и лични приказни, филмот и изложбата се навраќаат на судбините на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција и на нивниот живот во Полска, отворајќи теми за разделбата, загубата на домот, припадноста и зачувувањето на историската меморија.

Реклама

Пред присутните се обрати Маноил Јаковлески, потпретседател на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој истакна дека „Патување кон корените“ е значајно сведоштво за судбините на децата кои биле разделени од своите семејства и раселени во повеќе земји. Тој ја нагласи важноста ваквите приказни да добијат видливост и да останат зачувани во колективната меморија.

Амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора, се осврна на улогата на Полска во прифаќањето на децата во периодот на Граѓанската војна во Грција, нагласувајќи дека дел од нив подоцна останале во земјата, создале семејства и станале дел од полското општество.

Особено лично беше обраќањето на авторот Петро Алексовски, кој говореше за животната приказна на својот татко Мито Алексовски. Како што посочи, дури по многу години ги дознал неговите искуства од прогонството и трајната носталгија по родниот крај. Токму преку неговата лична судбина, Алексовски настојувал во филмот да ја раскаже пошироката приказна за разделбите, загубата на домот и животот далеку од сопствените корени.

Спомени од тој период сподели и Григори Поповски, кој говореше за својата мајка и за грижата за голем број деца кои престојувале во Полска.

Во рамките на настанот, на Петро Алексовски му беа врачени и признанија за неговата долгогодишна работа и придонес во зачувувањето на овие сведоштва.

На програмата присуствуваа претставници на здруженијата на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, како и претставници на организации и институции кои ја негуваат меморијата за овие историски настани, историчари, истражувачи, културни работници, ученици и студенти.

„Патување кон корените“ преку личните приказни отвори простор за разговор за сеќавањето, загубата на домот, припадноста и потребата историските сведоштва да се сочуваат и да им се пренесат на идните генерации.

Изложбата „Мајко мила“ ќе остане поставена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија до средината на октомври, овозможувајќи им на посетителите и во наредниот период да се запознаат со личните сведоштва и приказни што ги носи поставката.

Програмата продолжува во Охрид, каде што на 24 септември во 19:00 часот, филмот и изложбата ќе бидат претставени во Центарот за култура „Григор Прличев“.