Дводневниот настан „Yes for Less Викенд“ ќе се одржи денеска и утре во „Лабораториум“ во Скопје, при што посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на саем на еко бизниси, панел-дискусии, работилници и уметнички перформанси посветени на одржливиот развој и заштитата на животната средина.
Според агендата, во текот на двата дена ќе биде организиран саем на кој ќе учествуваат повеќе од 25 бизниси од мрежата Yes for Less, кои ќе ги претстават своите производи, услуги и одржливи решенија.
Програмата предвидува панел-дискусии за влијанието на микропластиката врз здравјето, можностите за развој на зелени професии, едукацијата во природа, како и причините за ниското ниво на граѓански активизам во однос на еколошките прашања.
За најмладите ќе биде организирана креативна работилница за изработка на играчки од реупотребени материјали, додека вториот ден од настанот ќе бидат презентирани искуства на зелени претпријатија и ќе се одржат дебати за граѓанскиот активизам и справувањето со отпадот.
Во рамки на викенд-програмата се предвидени и повеќе дополнителни содржини, меѓу кои изложба, уметнички перформанси со отпадни материјали, работа со пресувани цвеќиња и презентација на традиционални техники на везење.
Организаторите најавуваат дека целта на настанот е промоција на одржливи животни навики, поддршка на локалните зелени бизниси и отворање јавна дебата за еколошките предизвици и можните решенија.

