Најавената средба и разговорите меѓу САД и Иран, што денеска требаше да се одржат во Швајцарија со цел привремена деескалација и отворање нова фаза од преговорите за иранската нуклеарна програма е откажана.
Двете страни, САД и Иран, требаше да се сретнат во швајцарското планинско одморалиште Биргеншток, недалеку од Луцерн, а на средбата се очекуваше да биде потпишан меморандум за разбирање, кој би отворил пат кон нова фаза на преговори за иранската нуклеарна програма и намалување на тензиите во регионот.
Од Белата куќа соопштија дека состанокот е одложен поради организациски и логистички причини, но, не беа дадени повеќе детали, освен што беше најавено дека Вашингтон останува подготвен за продолжување на разговорите.

„Нашиот план е да отпатуваме во Швајцарија, не знам кога, начинот на кој ги подготвуваме овие технички разговори, ќе има политичко лидерство вмешано, се извинувам, ќе има луѓе на терен кој ќе ги водат техничките, нуклеарните разговори, како да се уништи ураниумот. Планирам да одам во Швајцарија, мислевме викендов да ги започнеме разговорите, тоа е планот, но тоа може да се смени, пробуваме да сватиме кога тоа ќе се случи, очекувам викендов но, не сум сигурен“, изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан одделно во средата го потпишаа рамковниот договор за крај на војната против Иран, која САД и Израел ја започнаа кон крајот на февруари со напади на Иран. Според Пакистан, тој стапил на сила веднаш, а договорот предвидува дека во рок од 60 дена ќе биде склучен конечен договор за мир и крај на нуклеарната програма на Иран. Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, оцени дека договорот е постигнат „од очај“, но потврди дека го одобрил, и покрај „различниот став“, по уверувањата од иранскиот претседател дека ќе ги заштити правата на иранската нација. Тој порача дека Иран ќе продолжи со разговорите само доколку се почитуваат неговите позиции и интереси.
„Од овој момент па натаму, преговорите лице в лице што ќе се водат во иднина нема да значат прифаќање на мислењето на непријателот“, се вели во соопштението на Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Во обајава на социјалните мрежни Трамп напиша дека САД се посветени на мирот и ги охрабрува сите во регионот да ја одржат својата посветеност, за да овозможат преговорите да се одвиваат успешно. Очекуваме целосен прекин на огнот на сите фронтови, вклучително Либан, Хезболах и Израел“, изјави американскиот претседател. Денеска Ормускиот теснец е повторно отворен, а американската поморска блокада укината.
