Општина Куманово, во рамки на одбележувањето на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жените“, поддржа изработка на едукативно видео на хуманитарното здружение „Мајка“. Видеото има за цел да ја подигне свеста за препознавањето на семејното и родово базираното насилство и достапните услуги за поддршка и заштита и ја потенцира важноста од препознавање и пријавување на насилството и ги информира жените за бесплатната психолошка, социјална и правна поддршка.
Пораката која се пренесува преку видеотот е дека насилството не треба да се премолчува и дека секоја жена има право на сигурност, достоинство и живот без насилство. Во видеото се посочува дека жените кои се соочуваат со семејно или родово базирано насилство не се сами и дека можат да побараат помош и поддршка.

Советувалиштето за жени, жртви на семејно и родово базирано насилство „Комфор зона за жени“ нуди бесплатна психолошка, социјална и правна поддршка. Преку советувалиштето, жените можат да добијат информации, да ги споделат своите проблеми и да се информираат за можните понатамошни чекори за заштита. Со пораките „Не сте сами“ и „Вашиот глас е важен“, видеото повикува на поголема информираност, препознавање на насилството и користење на достапните механизми за помош и заштита.

