Македонија на чекор до европскиот енергетски пазар и потенцијал за годишен приход од 763 милиони евра. Овој сектор е првиот кој уште наредната година може целосно да се усогласи со европскиот. Проценките на Европската енергетска заедница и Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори се дека веќе во 2027-ма година Македонија може да добие зелено светло за приклучување. Покрај Македонија, во процесот на усогласување со европските правила се и Србија, Молдавија и Црна Гора. Со интеграцијата ќе се постигнат поконкурентни цени, поголема енергетска сигурност и нови можности за инвестиции.
„Постепената интеграција на земјите кандидати во стратешките сектори на Европската Унија, особено во енергетиката, може да ја зајакне економската и геополитичката отпорност на Европа, а енергетската интеграција веќе покажува конкретни резултати. Процесот се одвива во три фази – усогласување на законодавството на договорните страни со правилата на ЕУ, проверка на усогласеноста од страна на Секретаријатот и Европската комисија, а потоа 18-месечна фаза за договорна и оперативна подготвеност за спојување на пазарите“ – Секретаријат на Енергетската заедница.
Дополнителен потенцијал претставуваат обновливите извори, со оглед на тоа што Западен Балкан до 2030 година може да изгради повеќе од 13 гигавати капацитети за производство на струја од сонце и ветер. На 30-ти ноември треба да биде усвоена и рамка за меѓусебно признавање на гаранциите за потекло на струја од обновливи извори од страна на Енергетската заедница. Оттаму посочуваат дека енергетиката може да послужи како модел за интеграција и во други сектори.
Македонија во меѓувреме со забрзана динамика работи и на гасното поврзување. Гасниот интерконектор со Грција треба да биде готов во првата половина од 2027-ма, а оној кон Србија ќе почне да се гради наредната година. Земјава заедно со Србија се приклучи на Вертикалниот гасен коридор. Планот е до крајот на 2028 година да биде воспоставена гасна рута од Грција, преку Македонија, до Србија.
Енергетската заедница ги препознава и напорите на Македонија, Молдавија и Србија годинава во делот на усогласување на законодавството со правилата на ЕУ и нивна практична примена.

