Туризам секоја сезона и во секој регион –во Македонија има уште многу богатства за откривање. Министерството за култура и туризам заедно со швајцарската амбасада и експерти од туристичкиот и бизнис сектор ја претставија нацрт национална стратегија за туризам 2027 – 2032. Стратегијата ќе стави посебен фокус на одржливоста, проширувањето на туристичките услуги, како и подолг престој на туристите, но исто така и зголемување на бројот на дестинации за посетување. .
„Туризмот во нашата земја се развива и тоа е многу значајно а растот на бројот на посетителите е охрабрувачки. Но пред нас останува важна задача, посетителите да престојуваат подолго да ја откриваат земјата во текот на целата година и да ги посетуваат сите наши региони“, изјави Седат Сулејмани, министер за култура и туризам
„Преку Швајцарската експертиза партнерства, размена на знаења ќе придонесеме и за развој на поодржливи поквалитетни и пазарно одредени туристички услуги“ изјави Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија
Според професорот Сашо Коруновски еден од главните умови позади стратегијата, развојот на туризмот не треба да биде фокусиран само на традиционално најпосетуваните дестинации како Скопје и Охрид туку и на други места кои имаат голем потенцијал, а ова ќе биде постигнато со поголема институционална координација, квалитетот на услугите и грижа за околината.
„Пристапот, хигиената, чистотата и други елементи го прават квалитетот на дестинацијата, а квалитетот на дестинацијата е преточен во квалитет на искуство на посетителот. Ако имате нечистотија ако имате депонија во близина на местото го намалува доживувањето и наеднаш вашиот производ не е толку квалитетен и тука преземаме мерки“, изјави Сашо Коруновски, професор на факултет за туризам и угостителство – Охрид
Документот предвидува рамномерен регионален развој, ефективен дестинациски менаџмент, дигитализација, заштита на природното и културното наследство и унапредување на квалитетот на услугите. Стратегијата е подготвена од стручни лица од факултетите за туризам во Охрид, Штип и Скопје, како и во консултација со државни институции и приватниот сектор.

