Концептот „М картичка“ што сакаме да го развиеме ќе овозможи повеќе привилегии за студентите од оние што сега ги имаат. Првично ќе важи само во државата, а во следната фаза размислуваме да може да се користи и во странство, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски рече дека М картичката ќе биде дел од апликацијата „М-услуги“ што ја развива Министерството за дигитална трансформација и дека е вклучено и Министерството за образование и наука, а од следната владина седница ќе биде вклучено и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– Убеден сум дека таа апликација ќе овозможи да се дуплираат или триплираат привилегиите што ги имаат сега студентите. Сакаме да имаме поширок концепт на привилегии којшто во суштина ќе го користат студентите. Да не биде тоа само во деновите коишто сега се определени со закон. Мислам дека сумата што ја користат е прилично недостоинствена. Нашата цел е да обезбедиме дополнителни привилегии, не само во рамки на оброкот, туку и надвор од учебната година и тоа ќе биде дел од апликацијата М услуги – рече Мицкоски.
Рече дека не сакаат да се политизира темата како што тоа го прават одредени политички структури со субвенционираниот студентски оброк.
– И тие не веруваат во тоа што го зборуваат. Тоа народот го гледа и не им ја дава довербата. Ние ја имаме довербата, но треба секој ден да работиме. Треба во оваа ера кога имаме неможност да регулираме социјални медиуми каде лагата царува, тоа што го имаме како можност да го користиме и тоа луѓето го препознаават и прават разлика меѓу политиканти и луѓе кои имаат државотворен капацитет и ја водат државата напред со јасна стратегија – истакна Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

