Задоволни ученици, наставници, но и родители, како и поголема заштеда на струја. Воведувањето на едносменската настава во повеќе од половина основни училишта во државата ги даде првичните резултати. Министерката Јаневска е задоволна од реформата. Училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ е едно од осумте училишта во Кисела Вода во кои од септември е воведена едносменската настава. Во разговор со најмладите, од прва рака, надлежната министерка слушна како се организира наставата и какви се искуствата.
„Гледам дека и учениците и наставниците се задоволни од едносменската настава, што беше и тенденција на Владата за да им овозможиме подобри услови. Децата се најспремни наутро, родителите немаат грижа за децата додека се на работа, концентрацијата кај децата е поголема и очекувам поголеми резултати. Колку средства се заштедени ќе кажат општините и директорите на училиштата. За евалуација на тоа дали имаме подобрување на квалитетот треба малку време. Треба да поминат неколку години за да можеме да направиме веродостојна анализа“, изјави министерката за образование, Весна Јаневска.
За да се овозможат услови за оваа промена, со средства од МОН во училиштето беа изградени дополнителни шест училници. Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска најавува воведување едносменска настава во сите училишта во општината.
„Во соработка со Владата ги правиме проектите. Во одреден дел се започнати бидејќи се решаваат оние административни предизвици и верувам дека во иднина ќе ја постигнеме целта на целата територија на општината да имаме едносменска настава. Но, Кисела Вода е атрактивна општина каде што бројот на жители постојано се зголемува“, изјави Бети Стаменкоска Трајкоска – градоначалничка на Кисела Вода.
„Училиштето работи во една смена, тоа е бенефит за нас. Учениците се поконцентрирани, подобро учат и имаме заштеда на електрична енергија. Имаме 940 ученици“, изјави Горанчо Јакимов – директор на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Воведувањето на едносменската настава е дел од реформите на МОН, чија цел е подобрување на квалитетот на образованието. Од вкупно 1.023 основни училишта во државата, досега едносменска настава е воведена во 685. Реформите се спроведуваат со поддршка од УНИЦЕФ, врз основа на анализи за бројот на паралелки, наставниот кадар и потребата од поефикасна организација на наставата.

