Ученици, наставници и родители од основните училишта „Крсте Петков Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ од Куманово беа вклучени во четиримесечниот проект „Училиште со глас, училиште без страв“. Проектот на здружениет „Доверба“ има за цел создавање поинклузивна, побезбедна и поддржувачка училишна средина.
Проектот опфати обуки за наставници за препознавање на знаците на насилство и превентивно дејствување, едукативни активности со учениците за развивање емпатија, емоционална писменост, препознавање на сопствените и туѓите емоции, поставување граници и ненасилно решавање конфликти преку медијација.

– Важно е што учениците не останаа само на стекнувањето знаења, туку ги пренесоа и на своите врсници преку едукативни работилници посветени на поддршката, почитта, разбирањето и ненасилното решавање конфликти. Работеа и на конкретни случаи со помош на своите менторки. Во двете училишта беа формирани клубови за медијација кои ќе продолжат да функционираат и по завршувањето на проектот- изјави Дивна Јанкова, од здружението „Доверба“.

Таа посочи дека во активностите биле вклучени и родителите, кои добиле насоки како да ги препознаат знаците на насилство, како да комуницираат со децата и како да им помогнат доколку се соочуваат со проблем. Јанкова, долггдишен психолог, нагласи дека насилството не се манифестира само преку физички напади, туку и преку исмевање, омаловажување, исклучување од групата, озборување и други форми на психолошки притисок. Учениците биле охрабрени да побараат помош од возрасен доколку не знаат како да реагираат во одредена ситуација.

Мима Костиќ професор и ментор од основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ кажа дека учениците поминале обуки и веќе реализирале работилници со своите соученици.
– Активностите и дејствувањето допрва започнуваат. Учениците се заинтересирани, родителите се запознаени и имаме нивна поддршка. Очекуваме придобивките од проектот допрва да се почувствуваат, изјави Костиќ.
Досега, како што информираше, успешно биле решени четири случаи.
– Имавме одлична соработка меѓу двете училишта. Најзначајно е што учениците не само што работеа на темата, туку го доживеаја процесот и успеаја да го пренесат своето искуство на соучениците. Научија како да дојдат до решение без конфликти. Особено беше интересно да се следи како напредуваат и се снаоѓаат во улогата на обучувачи, но и на медијатори – рече Костиќ.
И професорката Јулијана Величковска-Петковски од ООУ „Браќа Миладиновци“ оцени дека проектот придонел учениците да стекнат практични вештини за препознавање и надминување на конфликтите. Таа посочи дека посебно внимание било посветено и на кибер-насилството, кое се случува надвор од училишните клупи, но влијае врз односите меѓу учениците и атмосферата во училиштето.

Од училиштата очекуваат формираните клубови да продолжат со работа и по завршувањето на проектот, со цел учениците да развиваат култура на дијалог, меѓусебно сослушување и почитување.

