Откако се изгореа со Ива Михаилова, Бугарите се во очајна состојба и се фаќаат за сламка – итно бараат нов случај што би можеле да го искористат за својата црна пропаганда против Македонија. Новинарите од емисијата „Колегиум“ на Алфа телевизија ги фатија на дело како се обидуваат да злоупотребат два одделни случаи од Охрид, од кои во едниот дури станува збор за малолетник.
Првиот инцидент е во врска со наводното полициско насилство врз 15-годишно момче. Бугарскиот портал „Таралеж“ објави текст во кој се обиде да претстави дека тој бил нападнат од полицајците затоа што имал бугарска самосвест. Но, неговата мајка јавно ја демантираше информацијата, тврдејќи дека некој се обидува да го злоупотреби нејзиниот син, особено затоа што тој воопшто и немал бугарски пасош.
„Јас не сакам да биде тоа така, затоа што никаде немам изјавено и мислам дека ова се злоупотребува за меѓуетнички немир и политички цели. Сакате да кажете дека е ова злоупотреба на вашиот син? Точно така, јас се запрепастив од ова што го читам. Едно прашање, извинете, да не случајно има бугарски пасош вашето синче? Не, не, не, немаме“, вели Лихнида Петреска.
Вториот неуспешен бугарски обид за злоупотреба е случајот со 19-годишниот Дарко Николоски, кој беше физички нападнат од полициски службеници во Охрид. Неговиот брат Горан Николоски тврди дека некој од контроверзната фондација „Македонија“, која отворено шири бугарска пропаганда низ државава, преку социјалните мрежи стапил во контакт со него за да го убедува да каже дека брат му е тепан затоа што е Бугарин. Николоски порачува дека нема да дозволи случајот да биде политизиран и претставен како меѓуетнички конфликт.
„Сакаа едноставно да направат некој случај како со Ива Михајлова, но нема да дозволам такво нешто. Може да ни кажеш кој ти понуди такво нешто? Искрено, не знам како се вика човекот. Ми имаа пишано на Фејсбук и побараа контакт-телефон и толку. Дали можеби тој што ти пишал на Фејсбук е профилот Фондација Македонија? Да“, вели Горан Николоски.
Потрагата по нови, таканаречени „бугарски жртви во Македонија“, следи по скандалот со младата Ива Михаилова, која, откако избега во Бугарија, призна дека била под притисок од нивните тајни служби. Нејзиното признание предизвика бура од реакции, пред сè заради тоа што целосно ги разоткри методите што бугарската држава ги користи во однос на Македонија. Слично како и во случајот со Пендиков, кој послужи како пример до каде може да оди политичката инструментализација на еден инцидент за да се шири антимакедонски наратив.

