Македонска винарија од Охрид е меѓу најдобрите 100 во светот, информираа вечерва од здружението „Македонски семејни винарии“ со седиште во Кавадарци.

– Станува збор за семејната винарија S&S, членка на нашата асоцијација. Избрана во топ сто винарии од четири континенти, пласирана на 57 место. Единствена винарија од Македонија на таа листа. Ваков успех досега нема доживеано ниту една винарија од Македонија. Првпат некоја винарија од Македонија да биде рангирана толку високо. Изборот е од светско жири од четири континенти; не ги познаваме луѓето од жирито. Доаѓаат, прават дегустации и си одат. Душата на една винска држава е токму во малите винарии, таква е нашата S&S винарија која се најде на 57. место во светот рангирана од 100 најдобри винарии за 2026 г. – истакна Гоце Попов, извршен директор на асоцијацијата „Македонски семејни винарии”.
Веста ја објавија и од винаријата, на нивната Фејсбук-страница.
– Рангирана на 29. место во Европа и единствената винарија од Северна Македонија на листата – горд момент за нашето семејство, нашата винарија и Охрид – напишаа од винаријата.

