Во тек е реконструкцијата на ракометното игралиште во центарот на Пробиштип, со цел подобрување на условите за спорт и рекреација.
Градоначалникот на општина Пробиштип Тони Тоневски вели дека проектот предвидува поставување на нова спортска подлога на теренот, седишта на трибините, како и подобрување на осветлувањето, со што просторот ќе добие современ и функционален изглед.
– Во рамки на истиот проект, предвидена е и набавка на резервен котел за потребите на СОУ „Наум Наумовски – Борче“, со цел обезбедување сигурно и непречено функционирање на системот за греење во училиштето – вели Тоневски.

Проектот се реализира преку Центарот за развој на Источниот плански регион, со вкупна вредност од околу 4.679.000 денари. Најголемиот дел од средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а останатите се обезбедени од буџетот на Општина Пробиштип.

