Претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Муса Џафери, оствари низа значајни средби и активности насочени кон продлабочување на односите меѓу двете земји во рамките на работната посета на Обединетите Арапски Емирати, од 24 до 26 ноември 2026 година.
Како што информираат од собраниската прес-служба, пред почетокот на официјалните активности, тој оствари средба со амбасадорот на Македонија во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, кој потоа го придружуваше во текот на престојот во ОАЕ.
-На средбата со д-р Али Рашид Ал Нуаими, претседател на Комисијата за одбрана, внатрешни работи и надворешни работи на Федералниот национален совет, се разговараше за можностите за натамошно унапредување на односите, со посебен акцент на парламентарната соработка и институционалниот дијалог меѓу Собранието на Македонија и Федералниот национален совет. Беше истакната важноста на размената на парламентарни искуства, воспоставувањето поблиски контакти меѓу работните тела и интензивирањето на меѓусебните посети. Посебно внимание беше посветено и на проширувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и поттикнувањето нови инвестиции – се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

По средбата, се додава, претседателот на Комисијата, Џафери и амбасадорот Мемеди присуствуваа на свеченото отворање на 4. редовна седница од 18. законодавен мандат на Федералниот национален совет. Седницата беше отворена во присуство на високи претставници на државното раководство на ОАЕ, меѓу кои шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи, како и шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахјан, потпретседател и заменик-премиер на ОАЕ и претседател на Претседателската палата.
Џафери оствари и средба со шеикот Нахјан бин Мубарак Ал Нахјан, министер за толеранција и соживот на ОАЕ. На средбата беа разменети мислења за промовирањето на толеранцијата, меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог, почитувањето на различностите и градењето општества засновани на соживот, меѓусебно разбирање и почит. Овие вредности беа истакнати како важна основа за стабилност, мир и добри односи меѓу државите и народите.

Претседателот на Комисијата, Џафери, оствари и средба со генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Идрис Фазлиоски. На средбата во Истанбул беа разменети информации за активностите на Конзулатот, унапредувањето на конзуларните услуги и поддршката на македонските државјани, како и за можностите за понатамошно зајакнување на економските, културните и другите врски.
Работната посета претставува значаен придонес кон продлабочувањето на дипломатските односи и парламентарната соработка меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, како и кон отворањето нови можности за соработка во области од заемен интерес.

