Независниот пратеник Миле Цеков, денеска, на прес-конференција, најави дека ќе поднесе измени на Законот за данок на моторните возила, со кои предлага укинување на вредносната компонента, односно таканаречениот данок на луксуз, за автомобили до 20.000 евра и укинување на CO2-давачката за автомобили со Евро-6 или повисок еколошки стандард.
Цеков рече дека македонските граѓани плаќаат највисоки давачки во регионот за увоз на автомобили.
– Со денешниот законски предлог за увезен автомобил од 15.000 евра граѓаните би заштедиле од 3.000 до 4.000 евра.
Правејќи споредба, тој рече дека за автомобил од 15.000 евра увозните давачки во Македонија достигнуваат од 6.000 до 7.000 евра, и тоа пред регистрација, осигурување и хомологација. За истиот автомобил од 15.000 евра во Албанија давачките изнесуваат приближно 3.000 евра, во Косово, Србија и Црна Гора речиси 3.500 евра, а во БиХ 2.550 евра.

