Светскиот ден на поправки 2026 ќе биде одбележан денеска во Центарот за поправки „Ништо ново“ во Скопје, под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“, со фокус на меѓугенерациското поврзување и промоцијата на културата на поправка и повторна употреба.
Настанот, кој ќе почне во 13 часот, го организира АРНО во соработка со Општина Кисела Вода, Македонската артизанска трговска асоцијација (МАТА) и Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје. Со него ќе бидат одбележани десет години од глобалната иницијатива „International Repair Day“ и третата година од нејзиното одбележување во земјава.
Според организаторите, програмата предвидува обраќања на претставници на партнерските организации, потпишување меморандуми за соработка меѓу АРНО и МАТА, како и меѓу АРНО и Домот „Мајка Тереза“, најава на нов ИПА-проект и изјави за медиумите.
Во рамки на настанот ќе бидат организирани и две работилници посветени на поправките и повторната употреба на предмети. Предвидена е работилница за „Сашико“ техника со дизајнерката Ирина Тошева, како и работилница за креативни поправки во соработка со МАТА.
Од АРНО посочуваат дека Центарот за поправки „Ништо ново“, кој е прв од ваков вид во Скопје, во текот на првата година од работењето регистрирал околу 550 посетители, реализирал 36 настани и повеќе од 200 поправки, со над 1.500 регистрирани корисници.
Организаторите нагласуваат дека целта на иницијативата е да се поттикнат одржливите навики, намалувањето на отпадот и соработката меѓу различни генерации преку активности кои ја промовираат поправката како еколошка и општествено одговорна практика.

