Со воена свеченост денеска беше одбележан 13 Ноември – Денот на Инженерискиот баталјон од составот на Првата пешадиска бригада на Армијата, при што беа доделени унапредувања, стимулативни мерки и признанија за постигнатите резултати на единицата.
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, на свеченоста присуствувале министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претставници на Армијата и Министерството за одбрана, поранешни команданти и други гости.
Во обраќањето, министерот Мисајловски истакнал дека празникот на единицата се совпаѓа со Денот на ослободувањето на Скопје, што, како што посочил, носи силна симболика и претставува потсетник на изградбата на слободно и безбедно општество.

Тој ја нагласил улогата на Инженерискиот баталјон во создавањето услови за реализација на армиските задачи, преку изградба и одржување на инфраструктура, обезбедување проодност на патните правци, поддршка на вежбовни активности и помош на граѓаните и локалните заедници.
Мисајловски се осврнал и на ангажманот на единицата во повеќе општини низ државата, каде инженерите учествувале во пробивање, поправка и одржување на патишта во руралните средини, со цел подобрување на условите за живот на населението.
Командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, порачал дека одбележувањето на значајните датуми претставува потсетник за вредностите врз кои се темели Армијата, повикувајќи ги припадниците на Инженерискиот баталјон да продолжат со посветена работа под мотото „Секогаш напред“.

Командантот на Инженерискиот баталјон потполковник Ласте Георгиев се осврнал на реализираните задачи, обуки и вежби во изминатиот период нагласувајќи дека единицата, покрај инфраструктурата, гради и доверба, сигурност и иднина.
– По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работата. Како најдобар вод од составот на Инженерискиот баталјон е избран Првиот инженериски вод од Четата за општа инженериска поддршка – наведуваат од Министерството за одбрана.
За придонес во повеќегодишната соработка, благодарници им биле доделени и на претставници на општините Делчево, Јегуновце, Боговиње, Македонски Брод и Старо Нагоричане.
Во рамки на одбележувањето било организирано и дефиле, како и тактичко-технички приказ на опремата и средствата со кои располага единицата.
Со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, 13 Ноември е утврден како Ден на Инженерискиот баталјон, како носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.

