Од улични протести до врвот на власта , а сега во келија во Шутка -политичката траекторија на Груби често беше проследена со контроверзии. Но , кој е Артан Груби, довчерашната десна рака на Ахмети и најмоќната фигура во ДУИ, ? Од хулиган кој фрла камења кон полицијата за одбрана на скопското Кале, со партиска книшка до највисоките државни функции -кошаркар и фудбалер во народните канцеларии, поранешен миленик на странците, а и координатор на проектот за коридорите 8 и 10Д -деенска заврши приведен, а пред нешто повеќе од година дена и на црната американска листа.
Артан Груби -за кого се измислуваа функции во Владата- корупцијата го направи непосакуван преку океанот, но и коруптивно поврзан дома. Политичката кариера ја почна во 2011 година, на Кале -и се чини дека токму таму почна неговиот политички подем. Тогаш беше политички анонимус и водач на навивачката група „Шверцери“. Како претседател на невладината „Разбуди се“, ги предводеше протестите на скопската тврдина по информациите дека таму ќе се гради црква.
Фрлањето камења кон полицијата го лансираше Груби во политичкото ѕвездено небо, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во него го препозна својот нов близок соработник.

Несудениот кандидат за градоначалник на Скопје во 2013-та, веќе следната година стана пратеник, а во 2020-та -во коалицијата Заев–Ахмети -седна во фотелјата прв вицепремиер, како утешна награда за неисполнетото ветување за премиер Албанец.
Но, неговиот брз политички раст почна да создава и сериозни внатрепартиски тензии. Груби стана трн во око на т.н. „огнени момчиња“, а Ахмети, сепак, не се откажа од својот миленик.
„Интересно ми е како ги нарекувате, тоа беше изјава на господинот Ахмети, со одредени иронија која се однесува на еден стар албански филм, но за тоа нека си зборува г. Ахмети кога ќе дојде да ви биде гостин тука..“ рече во гостување на поткаст Груби
Јавноста го памети и по играњето фудбал и кошарка во канцеларии направени од народни пари.
Само година и пол по неговиот триумфален тон за „историскиот договор“, следуваше ладен туш -Груби се најде на американската црна листа.
„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја моја акција“, напиша Груби по ставањето на црна листа.
На листата на непожелни во САД, покрај него, се најдоа и членови на неговото семејство, како и судијата Беџети, кој се поврзува со партијата од Мала Речица. Според американските власти, двајцата се одговорни за дозволувањето да застари предметот за масовното прислушкување.
