Од 1 март годинава банките нема веќе да ги користат таканаречените „СМС-ОТП“ кодови за потврда на онлајн плаќањето на корисниците, бидејќи се воведува нов начин на автентикација на корисниците наречен „ЕС-СИ-ЕЈ“ или посилна автентикација при извршување одредени платежни трансакции.
Македонската банкарска асоцијација соопшти дека засилената автентикација ќе се користи кај платежни трансакции иницирани на далечина, и тоа: плаќања со платежни картички при електронска трговија, како и кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации на банките.
Засилената автентикација се заснова на користење на најмалку два од три меѓусебно независни елементи:

- Елемент на знаење – нешто што го знае корисникот, на пример лозинка или ПИН,
- Елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот, на пример мобилен уред, токен или платежна картичка,
- Елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот, како биометриски податоци, отпечаток од прст или препознавање лице.
Тоа значи дека досегашните начини на потврда на трансакции, како што се еднократни кодови доставени преку СМС или електронска пошта, кои се користат во рамки на постојните решенија, ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми, во согласност со барањата на засилената автентикација.
