Затворот „Шутка“ не е мексикански картел. Никој не прашал дали таму Артан Груби ќе биде безбеден. Ставот на затворот е дека се задолжени и ја гарантираат безбедноста на секој притвореник и затворник, што впрочем и беше посочено по првичните проверки пред Груби да биде сместен во ќелија со уште еден притвореник.
- „Во тоа се опфаќа спречување на насилство и малтретирање, обезбедување здравствена заштита и хигиенска заштита, контролирано движење во рамките на Установата, како и можност истите притвореници и шритеници да пријават закана или опасност. Цврсто и најодговорно тврдам дека безбедноста е загарантирана, да, ова не е мексички картел, па кој што сака и како сака да работи..“ вели Бобан Утковски – Директор на КПУ „Скопје“ Скопје.
По острите реакции, Обвинителството, коe бараше олеснување на мерката ефективниот притвор, сега се правда – тврди дека така постапиле бидејќи МВР и АНБ дале оценка за загрозена безбедносна состојба на Артан Груби. Но според извори на Алфа, АНБ ги посочиле истите околности за безбедносни закани за Груби како пред повеќе од една година кога тој ја напушти функцијата прв вицепремиер. Впрочем, такви оценки има за секој поранешен функционер кој имал висока позиција. Таквите околности не значат дека Груби нема да биде безбеден во затворска ќелија. Од МВР кратко одговараат дека информациите со кои располагаат им ги доставиле, а за сите понатамошни мерки одлучуваат обвинителството и судот.
- „Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност.Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и судот“ одговараат од МВР.
За обвинителството, пак ѝ куќниот притвор е притвор ако е под 24 часовен надзор од полицијата.

- „..согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен…“ сооштија од ОЈО.
Во меѓувреме, полициски службеници го обезбедуваат домот каде спие Груби. Адресата во скопски Чаир, која ексвицепремиерот ја има пријавено како место на живеење ќе биде под 24 часовен надзор од полициски службеници во следните 30 дена колку што определи скопскиот кривичен суд. Судијата на претходна постапка, законски немаше можност да му ја остави мерката ефективен притвор, бидејќи предлогот за олеснување дојде од обвинителството.
Истрагата за набавката на ВЛТ апарати за државна лотарија е завршена, а сомнежите за штета се над осум милиони евра. Првоосомничен е екс директорот на државните игри на среќа, Прпарим Бајрами кој е во бегство, втор е Груби и се товарат за проневера во службата. Четворица од Лотарија се гонат за злоупотреба на службената положба.
