Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски од говорницата на македонското Собрание го повика Јавното обвинителство да ги разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонијапат“ и кривичната пријава што тој ј лично ја има потпишано за работењето на претходното раководство, кое претпријатието го има заглавено во долгови во висина од 34 милиони евра. Николоски во одговорот на прашањето поставено од пратеникот Борислав Крмов за состојбата и лошите услови за работа во ЈП „Македонијапат“ посочи дека состојбата е тешка или, како што рече, „е исклучително тешка, ултра тешка“.
– Го затекнавме претпријатието со 34 милиони евра долг, сега е 25, за две години е намален за девет милиони евра. Крадел кој стигне, кај стигне. Ако литар боја за бојадисувањеулици, што и не ја користеле, чинела Х денари, ја наплаќале 10 пати поскапо. Да не зборувам за зимското одржување. Еве овие две години се чисти снегот, претходно пари се даваа, а снегот не се чистеше. Само за удари од кучиња – јас знам дека има кучиња, ама не верувам дека сме толкави рекордери -3,5 милиони евра се пресудени отштети. Таму има формирано една банда, една мафија од адвокати, проценители, вештаци, којзнае како се викаат, и излегува дека до 2024 година, дури беше директор оној Константин Ацески, што си ја тепаше жена си, кучиња секој ден удирале во возила. По 2024 година, некако имаат намалено кучињава да се удираат во возила – вели Николоски.
Тој посочи дека за лошата состојба во ЈП „Македонијапат“ причина се и тужби, кои се испраќаат во Стразбур.
– Сојузени се со компании на кои им се должи и сега Стразбур почна да носи одлуки долгот да им се плати, и каматата да им се плати, и по една благодарница да им дадеме, а ако ги видите цените по кои имаат добивано тие компании, тие се исто така далеку над пазарните. Јас неколкупати сум повикувал, еве да искористам и тука од собраниска говорница, да замолам – не знам кој друг збор, освен да замолам – Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, не мора ништо друго да работат, само да ги прочитаат ревизорскиот извештај и кривичната пријава, што јас лично ја имам потпишано. Јас не се кријам, потпишав над 20 кривични пријави кога бев избран и во периодот потоа од неколку месеци како доаѓаа работите, и да истражат како таму се работело – истакна Николски.
Тој додаде дека вработените во ЈП „Македонијапат“ сега редовно земаат плата, а К15 ќе биде исплатен во законскиот рок. Истакна и дека сега се намируваат доставувачите во рамките на она што е реално.
– Опремата што ја имаше претпријатието е ставена во функција, сè уште се користат надворешни компании за чистење снег, но не во обем што беше претходно. Се запалија асфалтните бази. Повеќето реконструкции што ги прави ЈПДП, наместо да оди на тендер, оди преку „Македонијапат“. Можете да ја отворите листата на јавни набавки на ЈПДП и таму ќе видите дека речиси и да нема во овие две години јавна набавка, односно тендер на ЈПДП за одржување патишта. Причината е затоа што се договоривме со ЈПДП таа работа да ја дава на „Македонијапат“, па „Македонијапат“ со тие пари да враќа долгови – како што се вратија овие 9 милиони евра, од 34 на 25, и да може да ги намирува платите на вработените и да може да им помагаме – вели Николоски.
Посочи дека се направени корекции на цените за асфалтот, а пред две седмици на Влада помината е и нова корекција на цените.
– Цело време ги коригираме цените надолу, како што утврдуваме каков бил пазарот, така. На пример, претходно до 2024 година ако тон асфалт бил некаде 100-110 евра, овие го фактурирале 190 евра. Една од поголемите главоболки ми е „Македонијапат“. Но, повторно молам, замолувам, апелирам – не знам кој збор да го употребам – Јавното обвинителство таму да влезе и детално да ја истражи работата – порача Николоски од собраниската говорница.

