Џабе се патиштата, ако стоките не можат да стигнат до крајната дестинација поради бирократски пречки. Со решавање на проблемот со престој на превозниците во Шенген зоната ќе се овозможи слободен проток на стоките, без какви било задржувања и чекања. Ова на македонско – австрискиот бизнис форум посветен на инвестициите во инфраструктурата и енергетиката го потенцираше Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој рече дека и покрај тоа што очекувал заедничко решение на ниво на ЕУ, засега единствен начин за надминување на проблемот е потпишување на билатерални договори со поединечни земји од шенген зоната. Напомена дека преговорите со Австрија се при крај и набрзо ќе се склучи договор и со оваа земја.
„Најчесто нашите превозници патуваат низ Унгарија, Австрија, Германија е едната рута. Втората е Хрватска, Слованија и повторно Германија, а дел одат транзит низ овие држави и плус Франција и Британија бидејќи таа е наш втор најголем трговски партнер на Македонија. Во таа насока е и денешната средба, а тоа е да се договориме и со Австрија за долгорочни визи. Не би сакал да давам рокови, но мислам дека за многу брзо време ќе можеме да излеземе со убави вести, имајќи в предвид дека комуникацијата е интензивна“ – вели Вицепремиерот Александар Николоски.
Бизнисот пак бара фокус кон иновативноста, инфраструктурата и извозот, како три најважни работи кои се клучни за отворање на пазарите и за натамошен развој. Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, смета дека можностите за уште поголем влез на австриски компании во земјава се огромни, особено во делот на изградба на железницата, автопашитштата, како и изградба на капитални проекти во енергетиката.
„За тоа да се реализира, клучниот партнер се земји од типот на Австрија со коишто имаме долгорочна соработка и кои се технолошки напредни и можат да ни помогнат. Дека можат, тоа знаеме, дека треба да градиме односи како и досега, тоа ни е јасно, меѓутоа она што треба во наредниот период како порака да го упатиме, тоа е да ги зајакнеме односите во градење нови платформи за иновативност“ – вели претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Градоначалникот на Скопје, пак, ги презентираше крупните проекти во главниот град и динамиката на нивна реализација, како клучен предуслов за побрз проток на луѓе и стоки.
„Развојот на градот бара навремено усогласување на сообраќајните решенија, подземните инсталации и енергетските капацитети. Таквиот пристап штеди средства, ја зголемува ефикасноста и создава поголема сигурност за идните инвестиции“ – вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски.
Австрија е убедливо најголем инвеститор во земјава со вкупни вложувања што надминуваат 1,2 милијарди евра.

