Реклама
Прилози

Нема археологија, нема артефакти, нема пречка да продолжат активностите во каменоломот кај Ореовец

Газдите на луксузни имоти во Ореовец отидоа дотаму што се обидоа целото…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Газдите на луксузни имоти во Ореовец отидоа дотаму што се обидоа целото село да го прогласат за археолошки локалитет во обидот да го блокираат пристапот до државниот каменолом. Сепак, и ова не им успеа – и овој пат надлежните институции и стручните лица утврдија дека нема ништо спорно. Симптоматично е што блокадите се однесуваат исклучиво на државниот каменолом, додека приватните, кои се наоѓаат во непосредна близина, со години функционираат без отпор.

Нема археолошки наоди, нема никакви артефакти, нема пречка да продолжат активностите во каменоломот. Стручни лица го утврдиле ова во два одделни наврати, откако излегле на терен по пријави од сопствениците на имоти во Ореовец.
Алфа дојде до извештаите изработени од Завод и музеј – Прилеп, откако се повика на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„На ниту еден од седумте истражени пунктови не се откриени појави на архитектура, ѕидови од градби, гробни или други конструкции од камен. Откриени се неколку фрагменти од керамички садови, продукција од локално производство, односно со мошне груба изработка“, се вели во извештајот од НУ Завод и Музеј – Прилеп.

Реклама

Поради ова, Музејот заклучил дека нема оправдана причина теренот да биде прогласен за археолошко наоѓалиште, односно нема сериозни индиции за постоење на наоди од културна вредност.

Оттаму објаснуваат дека теренот околу селото е карпест и оттука веројатноста да има какви било наоди во целата околина е екстремно мала.

„Се утврди дека нема индиции за понатамошни истражувања, нема никакви архитектонски остатоци и дека просторот не може никако и не заслужува да биде евидентиран како археолошки локалитет и нема индиции за дополнителни мерки за заштита“, изјави Владимир Крстевски, НУ Завод и музеј – Прилеп.

Сепак, сопствениците на луксузни имоти не се откажуваат од блокадите на каменоломот. Доставиле уште една претставка во која тврдат дека активностите на терен ја оштетуваат црквата „Свети Димитрија“, која датира од 19-от век, но досега не е утврдено ништо.

Од Музејот потенцираат дека инвеститорот и изведувачот се должни да постапуваат според Законот за заштита на културното наследство.

„Тоа значи дека доколку при ископите се пронајдат археолошки предмети, работите мора веднаш да се прекинат и да се извести надлежната институција“, изјави Владимир Крстевски, НУ Завод и музеј – Прилеп.

Инаку, уште во фазата на подготовка на проектната документација, инвеститорот побарал податоци од Завод и музеј – Прилеп. Според официјалната археолошка евиденција, на овој дел од трасата досега не било регистрирано културно наследство.

Наводните археолошки наоѓалишта се само еден од обидите на сопствениците на куќи, вили и хациенди во прилепски Ореовец, кои ги користат сите знајни и незнајни механизми за да го блокираат пристапот до државниот каменолом.

Поднесоа и тужба до Основен суд, пријава до инспекциски служби. Тврдеа и дека работата во каменоломот предизвикува бучава и загадување над дозволеното, иако сите мерни инструменти го покажуваат спротивното. Тврдеа дека цел Прилеп може да остане без вода, но елаборатите покажуваат нешто сосема друго – самите извори се на сосема друга страна. Се обидоа да кренат аларм и дека поради каменоломот ќе исчезне ендемски вид пеперутка, но експертите ги демантираа – таа живее на многу поголема површина и нејзиниот опстанок не е доведен во прашање.

Симптоматично е што блокадите се однесуваат исклучиво на државниот каменолом, додека приватните, кои се наоѓаат во непосредна близина, со години функционираат без отпор.