Порталот KontraPRESS го објави најновиот краток расказ на македонскиот писател Томислав Османли насловен „Отпад“. Станува збор за мотивска проза која говори за современото урбано отуѓување во кое брзото и егоизирано доба го заборава малиот, обичен, особено стар човек… Расказот „Отпад“ е необјавен до сега.
Порталот KontraPRESS е ангажиран, отворен и инклузивен културен простор што го уредуваат Душан Комарчевиќ и Жарка Радоја. Во импресумот на овој медиум се забележани неговите определби: „KontraPRESS е регионален портал кој е против примитивизмот, национализмот, банализацијата и против сеопштата таблоизација на медиумите… На порталот нема да прочитате ексклузивни вести, ретко ќе бидеме ‘оние што први дознаваат’ но ќе прочитате квалитетни анализи…“
Османли е долгогодишен литературен соработник на овој медиум. Расказот „Отпад“ што самиот го преведе на српски јазик, е петтата по ред проза на нашиот автор што ја објавува KontraPRESS. До сега порталот ги објави „Свадбата на Дорќол“ (во 2013), дел од неговата збирка „Светилка за Ханука“ раскази и новели со универзална, многујазична рецепција „Светилка за Ханука“; „Џебовите на генералот Кондијевиќ“ (2014); „Сликата на тетка Рашела“ (2015), расказ награден со Првата награда на Конкурсот на МАНУ; расказот „Мајка“ (2023), потресна кратка приказна за мајчинската љубов на една кучка ннапишана според вистински земјотресен настан.
Таа серија авторски објави на регионалниот портал KontraPRESS од денес ја надополнува и за прв пат објавениот хуманистички ангажиран расказ на Томислав Османли https://kontrapress.com/clanak.php?rub=ARTivizam&url=Smece.

