Општина Тетово на градскиот плоштад одржа настан „Отворен ден со средните училишта“, како и активност за одбележување на Денот на пожарникарите заедно со Територијална противпожарна единица-Тетово.
Командирот на единицата, Авни Амети, информираше дека во моментов располагаат со 77 редовно вработени пожарникари и 17 со договор на дело, но дека за оптимална покриеност на регионот се потребни уште најмалку 30 професионалци.

-Ова не е доволно, ни недостасуваат барем уште 30 пожарникари бидејќи Општина Тетово и околните општини зафаќаат голема територија. Неодамна отворивме противпожарен пункт во село Теарце, наскоро ќе се отвори и во село Боговиње со што ќе имаме многу подобрена покриеност на теренот. Што се однесува до опремата и возниот парк состојбата ни многу подобрена во однос на минатите години но, тука сакам да апелирам до државата повеќе да мисли за пожарникарите. Последната опрема што сме ја добиле од државата е во 2009 година. Сето ова што сега го гледате изложено на плоштадот е од добиено од странски донации, изјави Авни Амети, командир на противпожарната бригада од Тетово.

Денот на пожарникарите беше одбележан со презентација на опремата и возниот парк на платото од градскиот плоштад каде беше изложена опремата за спрарување со пожари, спасување при поплави и сообраќајни несреќи, против пожарни камиони, како и специјалните скали за справување со пожари во висококатници.
На саемот на образованието, седум средни училишта ги презентираа своите насоки пред идните средношколци.
На настанот присуствуваа заменик-министерот за образование и градоначалниците од регионот, а градоначалникот на Тетово, Билал Касами, соопшти дека годинава се очекува стабилен број на запишани ученици.
-Во средните училишта во Тетово оваа година се очекува да се запишат приближно еднаков број ученици како и претходната, некаде околу илјада 1890 ученици. Предвидено е да бидат запишани во 49 паралелки на албански јазик, девет на македонски јазик и една на турски јазик – изјави градоначалникот Билал Касами.
На подрачјето на Тетово функционираат пет општински и две државни средни училишта.
