Реклама
Македонија

Милошоски: Македонија сериозно треба да ја разгледа понудата за фазно приклучување кон ЕУ

Македонија сериозно треба да ја разгледа понудата за фазно приклучување кон Европската Унија и да влезе во разговори за истата.  Не преку класично и брзо полноправно членство, туку преку постепено вклучување во европските политики и институции. Ова е ставот на потпретседателот на Собранието , Антонио Милошоски откако Франција и Германија отворено признаа дека Унијата во […]

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија сериозно треба да ја разгледа понудата за фазно приклучување кон Европската Унија и да влезе во разговори за истата.  Не преку класично и брзо полноправно членство, туку преку постепено вклучување во европските политики и институции. Ова е ставот на потпретседателот на Собранието , Антонио Милошоски откако Франција и Германија отворено признаа дека Унијата во моментов нема голем апетит за примање на земјите-кандидати.

Милошоски смета дека тоа е добра можност но само како еден преоден период до полноправно членство, кога за тоа ќе се создадат политички услови во самата Европска Унија.

  • Може на некого тоа да му се допаѓа или да не му се допаѓа, но ја цениме искреноста и на Франција и на Германија што ја соопштија реалната состојба внатре во Европската Унија, којашто трае можеби во последниве 7-8 години. Дека апетитот за нови полноправни членки со целосни права и обврски (право на вето, гласање и слично) не е толку голем како што бил пред 13 или 15 години. Но, од друга страна, не нудат статус кво, туку нудат фазна интеграција на земјите во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди“ – рече Милошоски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас пак нема сомнеж дека припаѓаме на европското семејство, но ги повтори зборовите на Антонио Кошта дека договорените уставни измени од 2022 година треба да бидат спроведени. Рокас вели дека има надеж за контруктивност од соседите на Македонија и ЕУ во следните денови и месеци.

Реклама
  • Работиме доста активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската Унија ќе бидат доста контруктивни во наредните денови и месеци“ – изјави Рокас.

Билатералните прашања не смеат да стојат на патот на интеграцијата во Европската Унија. Според Јелена Милош од хрватското собрание, Македонија претрпе многу билатерални проблеми и блокади, и како што вели, многу пати кон нас биле направени многу неправди. Милош вели дека е добар предлогот на Франција и Германија, но секако крајната цел е полноправно членство во Унијата.

  • За Хрватска поддршката за Македонија, е пријателство но и економски проспиритет и стабилност во регионот. Што се однесува на самиот предлог на Франција и Германија, јас лично мислам дека пред се, дека вие како земја која цел овој период спроведува реформи на интегративниот пат, мора да одлучите кој е најдобриот пат за влез во ЕУ. Секако е добро да постојат напредок и интеграција во заедничкиот пазар, но сакам да нагласам дека тоа не е крајната цел. Целта е полноправно членство и целосна интеграција во ЕУ. Пораката е дека тука нема никакви кратенки за патот кон Европската Унија, од една страна. Меѓутоа, исто така потребна е и награда, за земјите кои навистина долго чекаат на тој пат, а вашата земја претрпе и многу тешкотии и предизвици во тоа“, посочи Милош.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши упати порака дека земјите од Западен Балкан припаѓаат во Европската Унија не само географски, туку и вредносно и историски, додавајќи дека регионалната соработка е клучна за забрзување на интегративниот процес.

Македонското Собрание е домаќин на земјите од Регионалниот процес за соработка во Југоисточна Европа, а присуствуваат и претставници од Хрватска, Грузија и Турција. Конференцијата се одржува во Охрид, а во фокусот се подобрувањето на регионалната соработка и подобра координација и напредок што ќе треба да ја олесни комуникацијата со Европската унија.