Македонија станува се попримамлива дестинација за бизнис. Зголемувањето на извозот, растот на БДП, растот на индустриското производство се дел од показателите кои укажуваат дека македонската економија полека застанува на нозе. Странските инвеститори ја враќаат довербата во државава, а тоа се должи на стабилни политики и вредна работа, порача премиерот Мицкоски по состанокот со Советот на странски инвеститори .
Двоцифрен број компании сакаат да инвестираат или прошираат инвестиција, а веќе ќе стартуваат со реализација претходно договорените. Следната недела ќе почне да се гради големиот ветерен парк од половина милијарда долари, а преговори се водат со компании за инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката.
Движењата во македонската економија во голем дел зависат од она што се случува на глобалниот пазар, пред се во Европската Унија како главен трговски партнер на Македонија. Во тој контекст не се очекува директно влијание од царините од Трамп, но ќе има влијание врз ЕУ. Премиерот очекува Македонија да биде на листата земји кои ќе добијат најповолни услови за извоз на американскиот пазар.

Советот на странски инвеститори пак го поздравува чекорот за старт на процесот на намалување на домашните царинските стапки за увозни производи и репроматеријали. За нив е важно што Македонија стартува со меѓународните стандарди во сметководството, како и тоа дека е усогласен законот за минимален глобален данок од 15 %. На денешниот состанок се разговарало за учество на странските инвеститори во носењето нови закони, како и за нивно место во Економско – социјалниот совет
Во поглед на бранот инвестиции кој се очекува во државава од клучно значење се оние во инфраструктурата. Еден од главните проекти е изградбата на брзата пруга долж Коридорот 10 за која според последните информации има огромен интерес од страна на меѓународните кредитори. Мицкоски вели дека имало понуди од финансиски институции кои до сега не биле присутни во овој дел од Европа, и многу наскоро ќе биде соопштено кој ќе ја гради пругата.
