Средби со бизнис заедницата на САД, со конгресмени и сенатори како и со високи претставници на ИРИ. Набиена агенда и премиерот Мицкоски и министрите во Вашингтон на Самитот на НАТО каде ќе оствари бројни билатерални состаноци. Од Владата информараат дека македонската делегација исто така ќе учествува и на отворањето на НАТО форумот и ќе присуствува на состаноците на Северно – атлантскиот совет, каде што Мицкоски ќе има прилика за средби со други лидери .
- „Премиерот Мицкоски ќе одржи говор на реномираниот Johns Hopkins University- School of Advanced International Studies, по што ќе следуваат средби со претставници од бизнис заедницата во САД.Премиерот ќе има и средби со високи претставници на IRI, конгресмени и сенатори, односно Брендон Бојл и сенаторката Џин Шахин – копретседавачи на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Во вечерните часови, пак, тој ќе учествува на свечениот настан по повод 75-годишнината на НАТО, што ќе се одржи во Andrew W. Mellon Auditorium“ велат од Владата.
Претседателот на Владата ќе присуствува и на вечерата во Белата куќа организирана за лидерите заедно со сопружниците, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе присуствуваат на специјални вечери организирани од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.
Посетата на премиерот Мицкоски, велат од Владата има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори.

Македонската делегација на Самитот на НАТО за одбележување на 75 годишнината од формирањето на Алијансата, во Вашингтон ја предводи Мицкоски заедно со министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски како и за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ова е прво патување на Мицкоски надвор од Македонија, откако застана на чело на Владата. Не е исклучено на Самитот да се случи и средба со грчкиот премиер Мицотакис, прва по рекациите околку користењето на уставното име. Засега нема официјална потврда дали ќе се сретнат, но доколку дојде до тоа Мицкоски рече дека очекува достоинствено однесување во Вашингтон, за разлика од Мицотакис кој најави дека македонскиот премие ќе се најде во многу непријатна позиција на Самитот. Во меѓувреме , Пентагон испрати порака до Македонија и Грција, да го остават спорот околу името и Преспанскиот договор надвор од Алијансата..
