Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарски прашања во Владата, рече дека е апсолутна лага оти Ива Михајлова легално ја напуштила Македонија и влегла во Бугарија и изрази жалење што бугарските власти, наместо да ја вратат, прават естрадна ѕвезда од неа порачувајќи дека „когаш-тогаш таа и татко ѝ ќе одговараат пред македонските власти“.
– Апсолутно е невистина она што го лиферуваат бугарските медиуми во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и тие биле исто така поздравени, им се салутирало итн. Тоа претставува лага. Второ, последeн пат, она што ние го имаме евидентирано, а е потврдено и од страна на бугарската страна, адвокатот влегол на 28 септември, а не е точно она што го тврдеше. Иако станува збор за личност со сомнително минато, сепак сакам овие работи да ги знае јавноста. Од друга страна, исто така можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена – рече Мицкоски.
Повтори дека и родителот, кој треба да одговара пред македонските власти, и Ива, која треба да ја докажува својата невиност, ќе одговараат когаш-тогаш.
– Ако некој мисли дека на овој начин обезбедил одредена заштита, на начин на кој се обидува да ги наруши меѓусоседските односи меѓу двете држави, жал ми е што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самите си ја прават на меѓународен план. Но тие избраа таква политика. Жалам што тие, наместо правосилно осудено лице да го вратат тука, да ја издржи казната за она што е осудено, тие од него прават естрадна ѕвезда и кловн. И жалам што млада девојка, која најголемиот дел од својот живот и образованието го стекнала во својата татковина Македонија, одлучила да биде ова што денеска се претставува кај нашиот источен сосед. Но еве јас ја гледам македонската јавност во очи и ви велам: „Когаш-тогаш и таа и татко ѝ ќе се соочат со правдата“ – дециден е Мицкоски.
Во однос на тоа како ова ќе се одрази на билатералните односи, како и за обвинувањата од страна на опозицијата, премиерот рече дека „токму тоа што опозицијата и раководството на нашиот источен сосед се на иста линија говори многу за тоа која била и каква е намерата, ниту Ива е намерата ниту што било друго“.
- Намерата е да се создаде политичка тема, која тие претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција, односно на ВМРО-ДПМНЕ, да бидам попрецизен, и на тој начин ќе обезбедат одреден бенефит за опозицијата, која има буквално идентичен став како што има раководството на Бугарија. Еве, ако е тоа така договорено, ние ги бараме назад и неа и нејзиниот родител, уште денеска да ги донесат и да видиме дали е тоа така договорено или не е тоа така договорено – истакна Мицкоски.
Ива Михајлова, која има и македонско и бугарско државјанство, е обвинета во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври издаде наредба за нејзино апсење, а македонските власти распишаа централна и меѓународна потерница. Преку Интерпол Скопје било побарано нејзино апсење и екстрадиција.

