Новите закони за концесии и јавно-приватно партнерство се изготвуваат и се очекува до крајот на годината да се најдат пред пратениците. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска изјави дека паралелно се работи на двата закона и оти работните текстови се изготвени и се дадени на мислења до други институции.
За законот за јавно-приватно партнерство, Божиновска рече дека треба да се доусогласат уште две или три точки и оти се надева дека до крајот на годината ќе биде испратен до Собранието. Сега важечките закони за концесии и јавно-приватно партнерство се стари 14 години.
– Во моментот се формира работна група, тоа се 15 институции. Ни недостигаат уште пет институции, ќе бараме ургенција да номинираат претставник за да можеме, конечно, таа работна група да ги финализира сите овие коментари што ги имаме бидејќи се работи подолг временски период. Се надевам дека бргу би можеле да го финализираме бидејќи има закон за јавно-приватно партнерство и закон за концесии – изјави министерката Божиновска.
Во истражувањето што се правело како подготовка за законот, рече дека на светско ниво Бразил, Индија, Кина, Виетнам и Индонезија само во 2024 година имаат 68 милијарди американски долари од јавно-приватно партнерство. Бројката во Европа е 11,5 милијарди американски долари, водечка држава со јавни приватни партнерства е Белгија, а зад неа е Грција. Најчесто јавните приватни партнерства се реализираат во проекти од енергетика, инфраструктура и здравство.
– Основното начело е јавниот интерес да биде водилка на секоја фаза од еден проект- од планирање до исполнување на последната договорна обврска – рече Божиновска.
Во однос на концесиите и јавно-приватното парнерство, како што рече министерката, треба да се усогласиме со европските регулативи и најважното е што ќе има електронски систем, каде што ќе се водат концесиите и ЈПП, но и казни.
– Имаат обврска 30 дена да ни ги достават информациите, не ги доставуваат, така што ќе биде малку поригорозен и секако се надеваме дека ќе има повеќе инвестиции – рече Божиновска, која зборуваше на консултативна средба за концесии и јавно-приватно партнерство – предизвици, реформи и усогласување со ЕУ, организирана од Центарот за граѓански комуникации.

