Македонија е силно фокусирана на спроведувањето на реформската агенда, посветено работи на модернизација на институциите и е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Форумот за проширување на Европската Унија – „EU Enlargement Forum 2026“, што се одржува во Брисел во организација на Европската комисија.
Како што објави Мицкоски на неговиот Фејсбук-профил, посочил дека учеството на земјава во СЕПА и претстојната примена на принципот „Роаминг како дома“ се конкретни придобивки за граѓаните и потврда за европската ориентација на Македонија.

Проширувањето на ЕУ, нагласува премиерот, мора да се темели на заслуги, исполнети реформи и конкретни резултати, со фокус на изградба на поодговорни, поефикасни и потранспарентни институции.
– За жал, наместо да се вреднува нашиот реформски напредок, Македонија и понатаму се соочува со условувања поврзани со уставни измени кои навлегуваат во идентитетски прашања. И покрај оваа пречка, остануваме конструктивни, активни и посветени на изнаоѓање решенија, затоа што европската перспектива на Македонија мора да биде јасна, предвидлива и заснована на европските принципи и критериуми, вели Мицкоски .

