Како жена, како мајка и како пратеничка, длабоко сум вознемирена од случајот со 26-годишната Сара, девојка која, според објавените информации, била брутално претепана и оставена на улица, стои во реакцијата на Даниела Белимова, пратеничка во Собранието на Македонија од Движење ЗНАМ – За наша Македонија.
Зад секоја ваква вест стои една жена, еден живот, едно семејство и една борба за достоинство и безбедност.
Ниту една жена не смее да живее во страв. Ниту една жртва не смее да се прашува дали насилникот има моќни родители, политички врски или влијание врз институциите.
Не бараме привилегии, не бараме осуда без постапка. Бараме законите да важат еднакво за сите, институциите да постапуваат професионално и истрагата да биде целосна, независна и непристрасна.
Нечие презиме не смее да биде штит, а нечие влијание не смее да биде пат до неказнивост.
Како општество мораме да застанеме зад жртвите, а не да бараме оправдувања за насилството. Да создадеме систем во кој секоја жена ќе се чувствува безбедно, заштитено и охрабрено да пријави насилство.
Сара заслужува правда. Секоја жена заслужува сигурност.

