Македонија го трасира патот кон енергетска независност, и тоа исклучиво со пазарно – ориентирани инвестиции. За разлика од минатото кога претходната Влада нудеше бенефиции како загарантиран откуп на енергија, сега се преговара единствено според пазарни услови.
Премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата од опозицијата во однос на меморандумот со „Казанџи холдинг“ дека наводно бил коруптивен и спротивен на националните интереси. Тој порача дека владата сега презема конкретни чекори од кои корист ќе има целокупната економија, за разлика од претходно кога во фокусот бил само профитот на поединци.
Ние преговараме исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции. Да, како Влада, институционалниот ризик ќе го преземеме, да олесниме. Нема како во минатото мито да се бара, нема вештачки препки да се ставаат во рамките на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи. Затоа работите одат брзо и ефикасно – така ќе биде и со компанијата „АКСА“, рече Премиерот Мицкоски.

Надлежните велат дека институциите подготвено ќе ја дочекаат претстојната грејна сезона. АД ЕСМ уште од сега резервира енергија за ноември и декември во вредност од околу 15 милиони евра по значително поповолни цени од оние што се очекуваат кон крајот на годината односно, а според информациите сумата ќе се плати тогаш кога ќе биде потрошена струјата.
Минатата година за увоз на струја биле потрошени околу 100 милиони евра. Мицкоски очекува дека годинава производството и потрошувачката ќе се израмнат.
Јас можам да кажам дека оваа година очекувам дека вкупното производство на електрична енергија кај нас, дома ќе биде еднакво на потрошената. Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме – да, ќе увезуваме, но во одредени периоди ќе извезуваме. И кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до една бројка којашто ќе биде избалансирана, рече Претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Инаку, покрај „Казанџи“ кои ќе инвестираат една милијарда во енергетиката, односно во изградба на гасоводна мрежа и когенеративни централи, започна да се гради ветерниот парк на истоток на земјава во вредност од половина милијарда евра што треба да значи учество од 20 отсто во вкупното производство на струја. Стартуваше изградбата и на најголемиот капитален проект во последнава деценија – гасниот интерконектор со Грција
