Македонија станува се попопуларна дестинација, расте бројот на патници преку двата аеродроми. Во првата половина од годинава преку Скопје и Охрид патувале над 1.5 милион луѓе што е раст од 5 отсто во однос на минатата година.
Според ТАВ Македонија бројот на летови е зголемен за 3 отсто, а растот на опслужени патници е поради новите редовни авиолинии кои се отворени од стартот на годинава. Скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47%, односно во првите шест месеци преку него се превезени вкупно 1.423.039 патници, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9% од каде се превезени 103.792 од јануари до јуни.
“Задоволни сме што во првите шест месеци годинава бележиме стабилен пораст на патничкиот сообраќај за што придонесоа 8-те нови редовни авиолинии кои ги отворивме од почетокот на 2025 година досега од скопскиот и охридскиот аеродром, во соработка со авиокомпаниите и Владата како наш партнер, велат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ велат дека продолжуваат да работат на нови авиолинии, а се цели кон шпанското и италјанското крајбрежје, како и кон европските дестинации важни за конекциите на Македонија за економијата, дипломатските и културните врски.
Само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром имале 12 отсто повеќе патници во однос на истиот период од минатата година. Најфрекфентна дестинација од Скопје е Истанбул.
Процент на патници од Меѓународниот Аеродром Скопје
Истанбул 17,1 %
Базел Милуз 6.6 %
Франкфурт 5,7%
Цирих 5%
Минхен-Меминген 4,6%
Дортмунд 4,5%
Виена 3,9%
Вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски во телевизиско интервју посочи дека забележан е раст на туризмот како резултат на новите 11 авиодестинации што се воведени. Николоски најавува и реконструкција на аеродромот во Охрид кој што бил дивоградба. Сега е покрената постапката за легализација на аеродромот.
Откако сме избрани имаме 11 нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Само во мај месец имаме за 101 илјада повеќе туристи отколку во мај месец лани. Туризмот расте со најголемо темпо во државата, 20 % раст има во споредба со минатата година и град број 1 за туризам е Скопје, а Охрид е број 2, што за мене е логично затоа што начинот на туризам се менува, се повеќе луѓе патуваат да ги видат големите центри, Скопје е веќе на мапата. Добивме и позитивно мислење од УНЕСКО за реконструкција за аеродромот во Охрид и дадов насоки да заврши туристичката сезона и некаде од месец октомври да започнеме да го реконструираме аеродромот”- изјави вицепремиерот Николоски.
Инаку, од Скопскиот аеродром најмногу директни летови имаме со Германија, Турција, Швајцарија, Италија и Шведска . Годинава воведен е за нов модел на субвенционирање , Владата сега субвенционира по пристигнат патник.

