– Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) ќе одржи прес-конференција по повод Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, на која ќе биде ставен акцент на превенцијата преку вакцинација против хуманиот папилома вирус (ХПВ) и редовен скрининг.
Настанот ќе се одржи во Џебното кино при Младинскиот културен центар во Скопје, а ќе се обратат претседателот на МАГО, проф. д-р Глигор Тофоски, и членови на Управниот одбор на асоцијацијата.
Од МАГО посочуваат дека овогодишното одбележување е во знакот на пораката дека ракот на грлото на матката е болест што може да се спречи и потенцијално да се елиминира како јавно-здравствен проблем преку вакцинација, навремено откривање и соодветен третман.
Посебен акцент ќе биде ставен и на важноста на вакцинацијата против ХПВ кај момчињата, со оглед дека вирусот е поврзан и со повеќе видови карциноми кај машката популација, како и на улогата на имунизацијата во создавањето колективен имунитет.
Според податоците што ги објавува МАГО, ракот на грлото на матката е четвртиот најчест карцином кај жените во светот, а секоја година од него умираат повеќе од 350.000 жени. Организацијата потсетува дека во земјава ХПВ-вакцината е бесплатно достапна преку Програмата за имунизација за девојчиња и момчиња на возраст од 12 до 19 години.
Од МАГО ги повикуваат родителите да ја искористат можноста за вакцинација на децата, а жените редовно да посетуваат превентивни гинеколошки прегледи и скрининг-програми, со цел навремено откривање на промените и спречување на развојот на болеста.

