Можностите за модернизација на противпожарната заштита преку примена на современи дигитални технологии ќе бидат во фокусот на конференцијата „Дигитализација на противпожарната заштита“, што ќе се одржи денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Конференцијата е во организација на Комората за превенција и заштита од пожари и кризен менаџмент при Сојузот на стопански комори на Македонија и има за цел да отвори дискусија за унапредување на електронската евиденција, следливоста на активностите и поефикасното управување и институционален надзор во областа на противпожарната заштита.
Во рамки на настанот ќе биде претставено и софтверското решение „Е ЗОП“, наменето за електронска евиденција и следење на системите за заштита од пожари преку примена на баркод-технологија. Предвидени се стручни презентации, техничка демонстрација и дискусија за можностите за примена на ваквите дигитални решенија во земјава.
Според организаторите, на конференцијата ќе учествуваат претставници на надлежните институции, стручната јавност, компании од областа на противпожарната заштита и технолошки партнери, со цел размена на искуства и идеи за зголемување на ефикасноста, транспарентноста и безбедноста.

