Реклама

„Револуција во кадар“ – ВМРО низ фотографии од 1893 до 1934 година

Договорите на дело да се трансформираат во редовни вработувања во дел од институциите – предлог-закон на ВМРО-ДПМНЕ

Потпишана националната програма за достоинствена работа 2026-2030

Форум на „Унитаб“ во Прилеп – македонскиот модел пример дека производството на тутун има светла иднина

Петмина кандидати во трка за наследник на Абази: Околу 160 обвинители утре го избираат новиот шеф на Организиран криминал

Европски услови во „Стив Наумов“, освен редовното одржување потребна е и поголема грижа од студентите

Србија по Александар Вучиќ: Прослава и насилство на победниците, шпекулации за нов премиер, стигнаа и првите барања од Хрватска и Словенија

Ќерка ја пронашла починатата своја 76-годишна мајка во Ѓорче Петров: Втор случај за пет дена

Извозот е приоритет за раст на економијата – се бараат решенија за превозниците во Шенген-зоната

Седрак за изборите во Бугарија: Бугарскиот претседател ќе биде без летимитет, како дома, така и во Брисел

Седрак за изборите во Србија: Се менува политичката култура, многумина студентското движење го сметаат како Шарената револуција

Нови серии, нови технологии-ново лице на ТВ Алфа

Македонија

Грчкиот диригент Михаилидис: Културата е алатка што ги обединува народите

Верувам дека културата е голема алатка што ги обединува народите. Камо културата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Верувам дека културата е голема алатка што ги обединува народите. Камо културата да беше најважната вештина на дипломатијата! Сметам дека културната дипломатија можеби е една од најкорисните алатки што државите можат да ги имаат за да ги приближат не само народите, туку и нивните влади, вели грчкиот диригент Мирон Михаилидис.

Михаилидис в петок по петти пат ќе биде во Скопје и под неговата диригентска палка ќе биде изведена операта „Набуко“ на Џузепе Верди во Националната опера и балет. Toj говори за впечатоците од неговото искуство кај нас, за евентуалните тешкотии и предизвици со кои еден диригент се соочува при меѓународните соработки, за хемијата со музичарите и чувството со кое ја напушта концертната сала, но и за безвременската и универзална порака на „Набуко“.

За грчкиот диригент, кој е и уметнички директор на Симфонискиот оркестар на Кипар и уметнички директор на Културниот и конгресен центар во Ираклио на Крит, првиот контакт и соработка со оркестарот во Скопје бил пред околу две години кога добил покана да ја диригира операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини и како што вели тогаш констатирал дека постои навистина одлична хемија меѓу него и музичарите.

Реклама

Објаснува дека диригентот, покрај неопходните предуслови што е потребни да ги има, како што се техничка подготвеност, знаење, култура и снаодливоста, треба да има и други вештини, меѓу кои и „способност за комуникација и разбирање на менталитетот на оркестарот во секоја земја во која се наоѓа“.

– Моето искуство, со оглед на тоа што имам диригирано оркестри во повеќе од 30 земји, ми вели дека секогаш треба да го почитувам и да го приспособувам мојот стил на работа во согласност со менталитетот на земјата и со почит кон земјата во која се наоѓам, објаснува Михаилидис.

Македонската публика, в петок на 30 октомври, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе може да ја проследи операта „Набуко“. под диригентската палка на Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто од Италија, сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а за светлосниот дизајн е задолжен Милчо Александров.

Во насловната улога ќе настапи Марјан Јованоски, Злата Тошевска Димовска ќе ја толкува Абигаиле, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а Александар Стефаноски во улогата на Захарие, а во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Јаворка Витанова и Јане Дунимаглоски.

Во изведбата ќе учествуваат и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“

Грчкиот диригент открива дека продукцијата што ќе биде изведена в петок во Скопје, на средината на ноември ќе „патува“ за грчкиот остров Крит, каде што во концертната сала во градот Ираклио ќе биде изведена на 12, 13, 14 и 15 ноември.

– Веќе ги презедовме сите неопходни чекори за оркестарот, хорот, солистите, сценографијата и костимите да бидат пренесени од Скопје во Ираклио, каде што ќе соработуваме заедно, со наш солист и нашиот хор и ќе ја реализираме оваа голема продукција на „Набуко“, за првпат на Крит. Ова е многу важно, бидејќи е првпат ансамбл од Северна Македонија да настапи на Крит, нагласува диригентот.

Господине Михаилидис, в петок повторно се враќате во Скопје како диригент на операта „Набуко“. Веќе имате искуство пред нашата публика …

– Мислам дека ова за мене е петти пат во Скопје. Првиот пат беше пред околу две години со „Мадам Батерфлај“, потоа повторно ме поканија за „Мадам Батерфлај“, потоа лани, односно во мај 2025 година бев со „Набуко“, потоа и оваа година повторно дојдов за „Мадам Батерфлај“, па сега би требало ова да е биде петти пат.

Според ова, би можело да се заклучи дека се позитивни и добри впечатоците од публиката.

– Уште од првиот момент на мојата соработка со оркестарот, по поканата што ја добив да ја диригирам операта „Мадам Батерфлај“, констатирав дека постои навистина одлична хемија меѓу мене и музичарите. Нешто што е од пресудно значење за изведбата на овие сложени музички дела, како во однос на нивната техничка беспрекорност, така и во однос на интерпретацијата.

Колку е тешко или лесно ова, особено кога станува збор за меѓународни соработки? Споменавте дека е важна хемијата…

– Главниот диригент, покрај неопходните предуслови што е потребни да ги има, односно техничка подготвеност, знаење, култура и снаодливоста, треба да има и други вештини. Потребни се способност за комуникација и разбирање на менталитетот на оркестарот во секоја земја во која се наоѓа.

Моето искуство, со оглед на тоа што имам диригирано оркестри во повеќе од 30 земји, ми вели дека секогаш треба да го почитувам и да го приспособувам мојот стил на работа во согласност со менталитетот на земјата и со почит кон земјата во која се наоѓам.

Претпоставувам дека кај нас тоа ви одело лесно, со оглед на тоа што доаѓате по петти пат.

– Многу лесно. Беше многу лесно. Пред сè, јас сум човек кој верува дека културата е голема алатка што ги обединува народите. Камо да можеше културата да биде најважната вештина на дипломатијата.

Сметам дека културната дипломатија е можеби една од најкорисните алатки што државите можат да ги имаат за да ги приближат не само народите, туку и нивните влади.

Бидејќи зборуваме за соработката, дали оваа соработка, што започна пред неколку години, би можела да биде почеток на една постабилна уметничка соработка?

– Мислите на постојана соработка меѓу мене и оркестарот? Доколку станува збор за трајна соработка, тоа е нешто за што, пред сè, треба да одлучи самата Опера на Северна Македонија. Но, од друга страна, и јас треба да видам колку ми дозволуваат моите временски можности и обврски.

Во моментов веќе имам две функции. Јас сум уметнички директор на Симфонискиот оркестар на Кипар, а истовремено сум и уметнички директор на Културниот и конгресен центар во Ираклио, на Крит.

И кога сме кај Крит, би сакал да кажам дека со господинот Арсовски разговараме и одлучивме оваа година да направиме копродукција на операта „Набуко“ во градот Ираклио, на Крит.

Кога ќе се одржи?

– Тоа ќе биде на 12, 13, 14 и 15 ноември. Ќе биде изведена во Концертната сала Ираклио, во Ираклио на Крит. Веќе ги презедовме сите неопходни чекори за оркестарот, хорот, солистите, сценографијата и костимите да бидат пренесени од Скопје во Ираклио, каде што ќе соработуваме заедно, со наш солист и нашиот хор и ќе ја реализираме оваа голема продукција на „Набуко“, за првпат на Крит.

Ова е многу важно, бидејќи е првпат ансамбл од Северна Македонија да настапи на Крит.

Да се вратиме на „Набуко“. Што е тоа што оваа опера сè уште останува толку актуелна?

– Пред сè, треба да кажеме дека „Набуко“ не е првата опера што ја напишал Верди. Неговите први опери доживеале неуспех кај публиката во тоа време, што го довело до голема депресија.

„Набуко“ е првиот голем успех на Верди, операта што веднаш го направи познат низ цела Италија, а потоа и низ целиот свет. Таа е неговата прва голема, популарна опера од раниот период на неговото творештво.

Пораката на ова дело е слободата на народите и самоопределувањето на народите. Ова е пораката што ја пренесува. Иако дејството историски се одвива во Вавилон, каде што Евреите се заробени од царот Набукодоносор и ја бараат својата татковина, но оваа порака денес има универзално значење. Тоа е безвременска порака за слободата на народите, слободата на човекот и самоопределувањето.

Истовремено, тука е присутен и една друга, би рекол античка техника во трагедијата: хибрис и катарза. Бидејќи Набуко, во еден момент мисли дека е семоќен, мисли дека е Бог и тогаш го погодува гром, сè се распаѓа и потоа доаѓа катарзата. Набуко станува друг човек, простува и им дава можност на луѓето сами да одлучуваат за својата судбина.

Кои се најголемите предизвици за Вас при диригирањето? Дали можеби е постигнување рамнотежа меѓу оркестарот, хорот и солистите?

– Ова дело е исполнето со силна динамика и прекрасни мелодии. Сметам дека е една од оперите со најмногу хорски делови, има навистина многу хорски сцени. За мене најважно е да се доловат живоста, динамичноста и страста на делото, како и сите негови емоционални премини – од бунтовност до меланхолија, од носталгија, страст и љубов.

Тука треба да се задржам и на тоа дека главните улоги во операта бараат исклучителни технички способности од протагонистите. Особено би ја издвоил улогата на Абигаиле. Абигаиле е навистина една од најтешките улоги што некогаш биле напишани за сопран. Способноста на една пејачка да ја отпее Абигаиле претставува вистинско достигнување.

Кога ќе заврши операта, што ви дава чувство дека сте го постигнале она што сте го замислиле како диригент? Дали е тоа реакцијата на публиката? Чувството дека сте успеале верно да ја доловите суштината на делото? Што лично вам ви дава чувство дека сте успеале?

– Тоа е едно посебно чувство што ме обзема не само по завршувањето на претставата, туку и за време на самата изведба. Бидејќи уште од самиот почеток, диригентот мора да биде посветен не само на техниката, туку и на смислата на делото. Ако она што го има замислено се совпадне со она што го слуша, како резултат на работата што ја завршил со оркестарот, хорот и солистите, тогаш на крајот, кога ќе заврши операта, мислам дека уште во првите неколку секунди, самиот диригент може да почувствува за што станува збор.

Јас не го поврзувам тоа со аплаузот. Многумина велат дека аплаузот е храна за уметникот, дека претставува потврда за неговата работа. Секако, чест е кога публиката ве наградува со аплауз, но јас секогаш се потпирам на силно чувство за самокритика и секогаш се обидувам да откријам што би можел да направам подобро. Затоа што на музиката секогаш ѝ пристапувам со почит и никогаш не верувам дека знам сè.

Кога зборуваме за публиката, со какво чувство би сакале публиката да ја напушти салата по изведбата на операта „Набуко“ в петок?

– Публиката сигурно ќе ја понесе со себе мелодијата на „Ва, пенсиеро“ (Va, pensiero), можеби најпознатиот оперски хор што некогаш бил напишан.

Публиката ќе ја понесе со себе убавината што ја носи ова величествено музичко дело, а секако и чувството на катарза што го нуди операта.

Во делото има многу врева, многу интриги и многу хибрис, но на крајот доаѓа катарзата и публиката навистина си заминува со смирена душа.