Со цел да се информираат и стимулираат сите физички лица редовно да го пријавуваат својот доход, Управата за јавни приходи денеска одржа настан во Дојран пред присутни издавачи на сместувачки капацитети и локални туристички работници, во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход”.
– Целта на денешниот настан е да се информираат и пред се стимулираат сите физички лица редовно да си го пријавуваат својот доход. Тоа посебно се однесува на доходот кој го остваруваат лицата кои изнајмуваат недвижен имот за туристички цели, лицата кои остваруваат работа од сезонски карактер, како и лицата кои вршат дејност од времен карактер, тие имаат обврска да поднесат барања за оданочување на личен доход од времен карактер. Кога зборуваме за фер туризам, не зборуваме само за права и обврски туку за сите луѓе кои егзистираат во овој регион – домаќини, угостители, сезонски работници, мали бизниси и сите тие придонесуваат да се создаде тој мозаик на ова туристичко место, а со развојот на тоа туристичко место се придонесува да дојдат до подигање на нивото на локалниот економски развој кое е наша цел, изјави Александар Николов, управник на Регионална дирекција на УЈП во Струмица.

Николов најави дека оваа кампања во следниот период ќе продолжи во другите туристички места во државата како Преспа, Струга, Битола и други.

– Продолжуваме со кампањата во секое место кое има некаква туристичка дејност бидејќи Македонија има потенцијал за развој на туризмот, а ние како институции сакаме да дадеме придонес во тој правец, истакна Николов.
Во однос на тоа каква е состојбата со пријавување данок на регионално ниво, управникот на Регионалната дирекција на УЈП во Струмица рече дека интерес за пријавување има, но се уште немаат комплетни податоци, кои се надеваат дека ќе ги презентираат кога ќе заврши туристичката сезона.
Иницијативата за оваа кампања ја поздрави и градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, кој истакна дека досега веќе имале бројни разговори со локалните издавачи.
– Ја поздравувам целата иницијатива околу кампањата на УЈП бидејќи како локална самоуправа од страна на издавачите на апартмани, од страна на хотелите и општо од сите кои се занимаваат со сезонска работа во нашиот Дојран имавме многубројни прашања по основ на пријава на данок. Нормално е луѓето да знаат и да се информираат колку данок или колку приход треба да пријават во соодветната институција, во случајот локална самоуправа, кај нас како општина и во УЈП, смета Тентов.

Според него, годинешната туристичка сезона била успешна, а што се однесува до наплатата на туристичката такса смета дека е се уште на многу ниско ниво.
– Дојран можам да кажам дека имаше успешна туристичка сезона. Согласно податоците што ги имам моментално во општината, исполнет е таргетот од претходната година, односно имаме реализирано некаде околу 40 000 ноќевања во оваа туристичка сезона. Дојран расте, расте и интересот за инвестирање во Општината, така да во тој дел имаме некоја евиденција, но наплатата на туристичка такса можам да кажам дека се уште е на многу ниско ниво од нашите проекции како општина што треба да ги добиваме како приход. Со пријавувањето на приход луѓето што инвестираат во Дојран, што очекуваат приходи ќе може да бараат од нас како општина подобрување на условите. Значи со пријавата на данок, со плаќањето на туристичка такса на некој начин инвестираат во нови улици, нови паркови, во подобра инфраструктура, нагласи Тентов.

Во годините наназад праксата била на крајот на сезоната да се изврши плаќањето по основ на туристичка такса и на данок, вели градоначалникот на Дојран, па затоа процентуално, во моментот само околу 30 отсто од регистрираните издавачи ја плаќаат туристичката такса, додаде тој.

