За жал, резултатите на ПИСА се повторно многу лоши, но сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите што се претходно направени. Ние на власт дојдовме во 2024 година, само шест месеци потоа во 2025 се направени овие тестирања – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска откако Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) вчера ги објави резултатите од меѓународното оценување ПИСА 2025 на учениците од 15 години. Како што рече, резултатите на реформата, која во моментот се прави во македонскиот образовен систем, ќе бидат видливи за десетина години.
Според резултатите од тестирањето ПИСА 2025, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации, македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и наука, како и во делот за решавање компјутерски проблеми.
Македонските 15-годишни ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, а постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво. Јаневска укажа дека подобри резултати од овие нашите ученици имале во 2001 година.
– За жал, во 2001 година сме имале подобри резултати на читање и разбирање. Најдобри резултати сме имале во 2018 година, што, според наставниците и анализата, е резултат на реформата „Кембриџ“. Резултатите на оваа реформа, која во моментот се прави, ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Ќе мора да обрнеме многу повеќе внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем – рече Јаневска.
Според резултатите од ПИСА 2025, забележан е пад на перформансите во читањето и математиката на глобално ниво, што се должи и на вештачката интелигенција. На новинарско прашање како може системот да се справи со ваков феномен, кој влијае врз фокусирањето, концентрацијата и начинот на кој се учи, министерката одговори дека постојат тези оти технологијата има значително влијание на ваквите резултати глобално.
– Но постојат и други тези дека целата општествена ситуација во одредени земји, глобалната ситуација, значително влијае. Сè уште не можеме да тврдиме дека само вештачката интелигенција дава сериозен придонес на ова. Можеби повеќе социјалните мрежи, неконтролираната употреба на телефоните и таблетите. Ќе се справуваме на класичен начин, она што постојано го промовираме: децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ги развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа. Затоа и спомнав дека не е само еден елемент што влијае на резултатите – изјави Јаневска.
Во однос на користењето мобилни телфони во наставата, министерката рече дека „во огромен број училишта во Македонија телефоните не се употребуваат во текот на целиот ден“.
– Децата ги оставаат телефоните во специјално направени направи за тоа – кутии или некакви платнени формати, каде што ги оставаат. Наставниците изречно го бараат тоа. Ги користат во исклучителни случаи и тоа само во оние училишта во кои сè уште нема обезбедено информатичка технологија да помогне во тоа – одговори Јаневска.
Според резултатите од меѓународното ПИСА-тестирање од 2025, на тестот по математика само 32 отсто од учениците достигнале барем основно ниво на познавање. Просекот на ОЕЦД е 65 проценти. Кај науката речиси 36 проценти од учениците во земјата ги совладале основните концепти. Во извештајот се потенцира дека во оваа област нитуен ученик не се искачил на највисоките нивоа 5 или 6. Речиси 26 проценти од учениците во Северна Македонија, пак, постигнале ниво 2 или повисоко во читање, но ниеден од тестираните ученици не го достигнал највисокото ниво.

