Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со македонска делегација, реализираше работна посета на Германската федерална полиција, во рамки на која беа посетени повеќе оперативни и организациски единици со цел запознавање со нивните технички капацитети, организација и современи безбедносни практики.
Како што соопшти МВР, делегацијата го посетила Заедничкиот контакт-центар на германската и полската полиција во Слубице, каде се запознала со моделот на прекугранична полициска соработка, размената на информации и оперативната координација. Во Франкфурт на Одра биле презентирани процедурите за гранична контрола и примената на современи технологии, вклучително и беспилотни летала за надзор на границата.
Посебен акцент бил ставен на посетата на единицата на Федералната полиција во близина на аеродромот во Хамбург, каде биле презентирани примената на електронските порти (E-gates), системите за заштита на аеродромската инфраструктура и специјализираната опрема и процедури за справување со безбедносни закани.
Во Хановер, делегацијата остварила средба со претставници на Федералната полиција задолжени за истраги поврзани со криминал, криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Преку анализа на конкретни случаи биле разменети искуства за истражните методи, откривањето криминални мрежи и можностите за унапредување на заедничкото оперативно дејствување.
Посетата овозможила непосреден увид во современите технологии, организациските модели и оперативните практики на германската полиција, кои претставуваат значајно искуство за натамошно јакнење на капацитетите на македонската полиција.
Јанев изразил благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и германската Влада за поддршката и придонесот во реализацијата на посетата, истакнувајќи ја важноста на развојот на долгорочно оперативно партнерство преку размена на информации, заеднички обуки, истражни активности и унапредување на професионалните стандарди.
Тој истакнал дека соработката меѓу македонската и германската полиција претставува значаен придонес кон јакнењето на европската безбедност, бидејќи современите безбедносни закани бараат поврзани институции, меѓусебна доверба и координирано заедничко дејствување.

