Излезе од печат стихозбирката „Пламена треска“ на познатата поетеса Делвина Крлуку, која содржи 40 песни на македонски јазик и претставува консолидирано сведоштво за една изградена лирска сензибилност, во која поетскиот субјект гради густ емоционален и симболичен универзум, проткаен со егзистенцијални тензии и длабоки доживувања на отсуството.
Авторката покажува јасна тенденција кон интроспективна поетика, во која интимното искуство и осаменоста се трансфигурираат во дискурс со универзална резонанса, поставувајќи го текстот во стабилен однос со традицијата на модерната елегија.
-Во ова дело поетскиот говор се артикулира преку сложен фигуративен систем, каде што метафорите на темнината, затворените простори и природните елементи не функционираат само како стилски орнаменти, туку како носители на длабока онтолошка семантика. Авторката успева да создаде воздржлива дијалектика меѓу присуството и отсуството, при што тишината се трансформира во фундаментална естетска и филозофска категорија. Оваа тишина не е празнина, туку простор исполнет со значенски напон, во кој лирскиот субјект се соочува со границите на себеси и на светот, наведува во рецензијата Веле Смилевски, писател и поранешен претседател на ДПМ.

Структурата на книгата сведочи за внатрешен емоционален развој, кој се движи од интензитетот на чувството кон поумерен израз и медитативно размислување. Оваа внатрешна траекторија е придружена со продлабочување на поетската свест, при што индивидуалното искуство се апсорбира во поширока метафизичка димензија. Преплетувањето на мотивите на болката, духовната потрага и промислувањето создава текст со повеќеслојни значења, правејќи го читањето херменевтички процес кој бара активна вклученост од читателот.
-Од стилска гледна точка, авторката оперира со емоционално набиен јазик што се карактеризира со внатрешна ритмика која произлегува од повторувањето, анафората и проширениот стих. Оваа стратегија создава ефект на непрекинат говор, речиси како внатрешен наплив, во кој мислата и чувството коегзистираат во единствен дискурзивен тек. Книгата „Пламена треска“ останува значајно достигнување во рамките на современата поезија, сведочејќи за консолидиран авторски глас и изразена способност за артикулирање на сложени емоционални искуства на високо естетско ниво. Таа претставува вреден придонес во книжевниот дискурс, позиционирајќи ја авторката во јасна траекторија на развој и афирмација во рамките на поетскиот простор, стои во рецензијата.

Делвина Крлуку е родена во 1985 година во Дебар. Завршила Економски факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа. Магистрирала нa Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Предавала на Државниот универзитет во Тетово и на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Била претседателка на Друштвото за наука и култура „Јосиф Багери“, поради што добила и признание од Претседателот на Република Албанија.
Досега има објавено седум стихозбирки, книгата раскази „Предговор на нашите денови“, публицистичката книга „Татко ми и Титовите кученца“, книжевните репортажи „Избледена надеж“, книгата со интервјуа „Различни со…“. Во 2020 година, во Скопје, ја организира изложбата со фотографии со наслов „Мизерност на главен град“.
Делвина Крлуку е членка на ДПМ и на ДПАМ. Учествува на повеќе културни и научни средби во земјава и надвор од неа. Добитничка е на Специјалната наградата на Поетскиот фестивал во Корча, Албанија и наградата „Книжевно дело“ за стихозбирката „Стих од роза“, на поетскиот фестивал во Призрен, Косово, наградата „Поетски бран“ на меѓународниот фестивал „Бранувања“ во Струга. За стихозбирката „Заливи на самотијата“ ја добива наградата „Книжевен мост“ на Друштвото на писатели на Македонија. Добитничка е и на наградата „Абдулазис Ислами“ од Сојузот на литературни преведувачи на РСМ, на наградата „Илинденски бајрак“, како и на признание за особен придонес во уметноста и културата од страна на Националната уметничка галерија на Македонија во 2018 г. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во 2015 г., ѝ додели сертификат за нејзиниот ангажман во новинарството.
Во 2024 година ја доби државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за значајни остварувања во областа на публицистиката, а во 2025 година наградата „13 Ноември“ на град Скопје за придонес во областа на социјалната заштита за повеќегодишната работна посветеност.
Работела како новинарка во дневниот весник „Коха“, како советничка на генералниот директор во АПЈ и ДЛМ. Уредник е на списанието „Стожер“ на Друштвото на писатели на Македонија. Работи и живее во Скопје.
