Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации.
-Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба. Токму затоа, Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Со отворањето на овој конкурс, Скопје влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем, велат од Град Скопје.
За таа цел, како што нагласуваат, бараат проекти со силен концепт и јасна европска димензија, општествена и културна вредност, професионална реализација и подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес.

Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе Главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
– Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација. Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми. Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент, се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму нагласуваат дека ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина.
