Почитувани центарци, почитувани претставници на медиумите,
Денес се наоѓаме на булеварот „Климент Охридски“, кај поранешниот Кинг Бургер и Маршалот, каде што пред нашите очи се градат два нови објекта, еден до друг.
Она што денес го гледаме отвора сериозни прашања за условите за живот во срцето на Центар. Згради непосредно една до друга, минимален простор меѓу објектите и сериозни прашања за паркинг просторот и зеленилото.
Господине Филипче, господине Бетон Герасимовски, ве повикуваме заедно да дојдете на оваа локација.
Дојдете и погледнете што се гради во Центар. Погледнете колку простор останува меѓу зградите и одговорете им на граѓаните каде се зеленилото, паркинг просторот и условите за достоинствен живот.
Дали ова е Центар што им го ветувавте на граѓаните? Дали вака изгледа вашата визија за современа, урбана и европска општина? Заедно со вашиот лидер Венко ветувавте дека тула нема да биде изградена, но вашите ветувања се со краток рок.
Центар не смее да биде општина во која квалитетот на животот станува споредно прашање. Не може постојано да се зборува за хумано живеење, а граѓаните секојдневно да поставуваат прашања каде ќе паркираат, каде ќе играат нивните деца и колку зелен простор ќе им остане.
Господине Филипче, како претседател на СДС, и вие имате одговорност да објасните дали принципите за кои јавно се залагате важат и за Центар, меморијата на граѓаните не е кратка како вашите ветувања. Доколку навистина верувате дека интересите на граѓаните треба да бидат на прво место, дојдете заедно со Бетон Герасимовски и соочете се со прашањата на жителите.
Почитувани,
За нас, младите, ова не е само прашање на нови згради. Ова е прашање за нашата иднина.
Каква општина ќе се наследи? Дали ќе имаме простор за живот или секој слободен квадратен метар ќе биде претворен во бетон? Дали младите семејства ќе имаат зеленило, игралишта, безбедни улици и нормални услови за одгледување на своите деца? Развојот на Центар не треба да се мери само со бројот на нови станови, туку и со условите во кои ќе живеат граѓаните.
Филипче и Горан Бетон Герасимовски, граѓаните заслужуваат конкретни одговори. Дојдете на терен и објаснете ја разликата меѓу вашите јавни ветувања и она што денес го гледаме пред нас. Ние, младите, сакаме Центар во кој ќе останеме, ќе создадеме семејства и ќе имаме достоинствени услови за живот. Центар е дом на неговите граѓани, а не само простор за нови градби.

